Откако судијката Татјана Михајлова вчера, на судењето за насилството пред општина Центар каде што обвинет е екс премиерот Никола Груевски, реши парично да ги казни специјалните јавни обвинителки Катица Јанева и Фатиме Фетаи, и тоа со 4.000 евра, познавачите коментираат дека за првпат во историјата на македонското правосудство се случува судија парично да казни јавен обвинител, поради наводно непочитување на судот. Досега се случувало казна да добие адвокат, но не и јавен обвинител.
-За прв пат во 72-години од постоењето на Основниот суд Скопје 1 (ова во контекст на соопштението на Кривичниот суд), се случува судија парично да казни обвинител и толку ригорозно и драконски. Во принцип, доколку судијата смета дека обвинителите не го почитуваат судот, треба да го извести повисокиот обвинител, вели адвокатот Стеван Павлески, кој е поранешен јавен обвинител.
Истиот став го дели и поранешниот јавен обвинител Јован Трпеновски.
-Не само во мое време, туку до вчера не се случило судија парично да казни јавен обвинител, бидејќи тој иако е рамноправна странка со одбраната, сепак ги штити интересите на државата и на граѓаните, вели Трпеновски.
Тој додава дека за него поскандалозно е тврдењето на обвинителките од СЈО дека судијката Михајлова го менувала записникот, бидејќи според него тоа е автентичен документ врз кој се заснова пресуда и во никој случај не смее да се менува.
-Доколку обвинителките ја зборуваа вистината, тогаш нивната реакција е сосема очекувана и оправдана, вели Трпеновски.
Обвинителките Фетаи и Јанева на вчерашното рочиште реагираа дека судијката го менувала записникот, односно внела неточни податоци дека на претходното судење јавноста само еднаш била отстранета од судница. Токму затоа бараа судијката да им достави видео и аудио снимка од рочиштето за да можат да покренат кривична постапка против неа.
Адвокатот Павлески вели дека и тој имал ваква пракса со судијката Михајлова, односно има писмен доказ дека судијката на него како бранител и на обвинетиот кој го застапувал им доставила различни пресуди.
-Најзагрижувачки беше што за ова е известен и Апелациониот суд, но од таму само констатираа дека тоа што го направила судијката е нејасно и неразбирливо, но застанаа тука. Ова е доказ дека во Кривичниот суд ни се случуваат скандалозни работи. Тврдам дека во ниту еден суд во внатрешноста, каде што има одлични судии, не ни се случуваат вакви скандали. Врв на се е пак реакцијата на претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, кој наместо да ги анализира ваквите постапки на судиите, ги провоцира новинарите и адвокатите со политички изјави, истакнува Павлески.
Судијката Михајлова при казнувањето на обвинителките се повика на Законот за кривична постапка и тоа на член 361.
-Ако јавниот обвинител, обвинетиот, бранителот, оштетениот, законскиот
застапник, полномошникот, сведокот, вештакот, преведувачот, односно
толкувачот или друго лице кое присуствува на главната расправа го нарушува
редот или не се придржува на наредбите од претседателот на советот за
одржување на редот, претседателот на советот ќе го опомене. Ако опомената
биде безуспешна, советот може да нареди обвинетиот да се отстрани од
судницата, а другите лица може не само да ги отстрани, туку и да ги казни со
паричната казна предвидена во членот 88 став (1) од овој закон.
На судењето, иако не му беше даден збор, реагираше и еден од обвинетите, па на барањето на обвинителките да го казни и него, судијката истакна дека законот не и дава таква можност, туку него може само да го отстрани од судницата.
Затоа е нејасно, како судијката Ленка Давитковска неодамна со 2.000 евра го казни обвинетиот Зоран Божиновски.
-Не ви одговара тоа што го зборувам. Гладни сте за пари. Ова е лудница, не е судница. На 12 декември ќе снема пари во вашиот банкомат.“ Зоран Божиновски со овие зборови и се обрати на судијката по што беше казнет со 2.000 евра за непочитување на Судот и непримерно однесување.
Валентина Вурмо