Изборната кампања во земјава предизвика интерес во грчката јавност, најмногу заради дел од изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за Преспанскиот договор и името на државава.
„Катимерини“ во текст за дуелот меѓу Мицкоски и Ковачевски на тв Канал 5 од средата вели:
„Водачот на главната опозициска партија во Северна Македонија изјави дека доколку биде избран за премиер земјата ќе ја нарекува единствено како ‘Македонија‘, без оглед на договорот од Преспа од 2018 година со кој се реши спорот со Грција за името на земјата“, пишува „Катимерини“.
Грчкиот весник пишува дека за време на телевизиската дебата во пресрет на парламентарните избори што се очекуваат на 8 мај, Димитар Ковачевски, лидер на СДСМ, изрази загриженост за одбивањето на лидерот на десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ да го користи уставното име на земјата.
„Ковачевски рече дека ова одбивање може да предизвика проблеми со договорот од Преспа од 2018 година со кој, со поддршка на ООН, името на поранешната југословенска Република Македонија се смени во Северна Македонија“, пренесува медиумот.
„За мене, Македонија е и ќе остане Македонија. Моите предци би биле горди на мене за она што го правам за мојот народ и мојата земја“, го цитира „Катимерини“ лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Како што пишува грчкиот медиум, неодамнешните анкети укажуваат на водство на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните парламентарни избори, кои се совпаѓаат со втората рунда на претседателските избори во земјата, каде што сегашниот претседател и кандидат за СДСМ, Стево Пендаровски, се очекува да се соочи со Гордана Силјановска-Давкова од ВМРО-ДПМНЕ.