Под наслов „Доверливите стенограми од лидерите на ПЈРМ“, грчкиот весник Катимерини денес објавува дијалози од лидерските средби во Македонија одржани на 27 јануари и на 19 мај годинава, пред потпишувањето на договорот со Грција. Како што пренесе МИА, Катимерини детално ги пренесува ставовите на претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Заев, министерот Никола Димитров, вицепремиерот Бујар Османи, спикерот Талат Џафери и опозицискиот лидер Христијан Мицковски.
Шефот на македонската дипломатија Димитров на присутните им доставил примероци од документите на медијаторот Метју Нимиц на англиски и на македонски јазик. Впрочем, тој ги информирал соговорниците за средбите со Нимиц во Брисел и Њујорк, истакнувајќи дека рамката на медијаторот остава простор за маневри и не е предлог што треба да се отфрли или прифати.
– Грците бараат името да биде еден збор (Севернамакедонија) или да се пишува со цртичка (Северна- Македонија). Не им се допадна членот 5 од нацртот за преведување на името. Сакаат името да биде исто на сите јазици, како и на македонски. Сакаат голем спектар на употреба. Споменаа иредентизам – информира Димитров во однос на средбата во Њујорк.
Премиерот Заев, пак, според она што го објавува грчкиот весник, на присутните им говори дека со текот на времето околностите тие стануваат понеповолни за Македонија. Според него, ако не најдеме сега решение ќе изгубиме 10 години. Патем, премиерот детално информира за средбата со Ципрас во Давос, посочувајќи дека состанокот го договорила Могерини со цел да се испрати позитивна порака до граѓаните на Македонија и Грција.
– Предусловите се поволни, бидејќи во Грција на власт е левица. Ципрас се согласи со временскиот рок на Нимиц, но не се согласи со пишување на името на латиница. Предложи „Република Северна Македонија“ или „Горна Македонија“ според прототипите на Црна Гора или Белорусија – објаснува Заев, додавајќи дека и грчкиот премиер сакал решение.
Според Иванов, процесот е премногу сложен.
– Ципрас е попозитивен од Папандреу. Сака решение. Не положи заклетва пред црквата, послободен е. Мерките за градење доверба вродија плод. Но, со поставување временски период со преамбициозни цели сме во опасност да предизвикаме големо разочарување – рекол тој.
Османи, пак, порачал дека нема да постои друга шанса освен сега во 2018.
– Или сега или никогаш. Треба да одбереме една или две точки од предлогот на Нимиц од кои нема да отстапиме – смета тој.