Кастрација на кучињата или регистрирање на своја одгледувачница – изборот кој ќе го имаат сопствениците со новите законски измени

by fokus

Секој сопственик кој држи репродуктивно способно куче или мачка ќе треба да регистрира одгледувачница. Оние сопственици кои нема да сакаат да се регистрираат како одгледувачници ќе треба да го кастрираат или ојаловат својот домашен миленик, предвидуваат измените на Законот за заштита и благосостојба на животните кои ги предлага Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Измените се поставени на веб страната на ЕНЕР (Единствен национален електронски регистар на прописи на Република Македонија) и за нив се уште се преговара со здруженијата за заштита на животните. Но активистите ја поддржуваат идејата за регистрирање на одгледувачница, бидејќи, велат, на овој начин ќе се намали неконтролираното размножување, а со тоа и ќе се допринесе за намалување на бројот на бездомните кучиња на улиците.

„Сопствениците кои држат еден или повеќе репродуктивно способни животни од видот куче или мачка треба да ги стерилизираат, освен во случај кога имаат регистрирано одгледувачница. Одгледувачниците треба да го пријават леглото од своите животни во овластена ветеринарна амбуланта, клиника или болница, да ги идентификуваат и регистрираат младенчињата согласно Законот за идентификација и регистрација на животните пред да ги вдомат како и да ги пријават лицата кај што ги вдомиле младенчињата. Трошоците за овие постапки се на товар на одгледувачниците“, стои во законот.

Здруженијата за заштита на животни сметаат дека треба да се воведе и данок за некастрирано куче. Според нив оние што имаат некастрирано куче треба да плаќаат данок за луксуз, чиј износ понатаму би го определиле локалните власти или Владата. На овој начин, велат, би го поттикнале и вдомувањето бидејќи оние кои ќе вдомат куче од стационар ќе бидат ослободени од таа законска обврска, а освен тоа и ќе добијат субвенции за стерелизирање на кучињата.

-Треба да му оставиш на сопственикот избор и тоа понатаму да биде решено со оданочување. Зошто да кастрира куче ако не сака, или да регистрира одгледувачница ако не сака да го размножува кучето? – велат од „Анима мунди“.

Измените предвидуваат и зголемување на глобите од 100 на 350 евра. Со 350 евра ќе се казнат оние сопственици чии кучиња на се кастрирани, а кои немаат регистрирани одгледувачници. Истата казна им се заканува и на оние кои нема да го пријават леглото од своите животни во овластена ветеринарна амбуланта, клиника или болница, и не ги идентификуваат и регистрират младенчињата согласно Законот за идентификација и регистрација на животните пред да ги вдомат.

Здруженијата бараат и забрана за еутаназија како механизам за справување со бездомната популација кучиња, како и воведување на можност директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство да може да нареди мандаторна кастрација на домашните миленици на одредена територија во случаи на прекумерно зголемување на бројот на уличните животни.

„Оваа мерка ја предлагаме по пример на Законот за заштита и благосостојба на животните од Република Хрватска каде истата е воведена и најде примена во 130 општини/градови, вклучително град Загреб. Воедно потенцираме дека еутаназијата на бездомните животни е строго забранета со законот во Република Хрватска и овие две мерки се меѓусебно комплементарни“, стои во предлогот.

Во насока на заштита на животните тие бараат и да се забрани чување на кучиња постојано врзани на ланец или во бокс, без да се овозможи слободно движење надвор од тој бокс.

М.В.

Поврзани новости