Лидерот на БЕСА Биљал Касами по синоќешниот состанок на партиското претседателство во Тетово порача дека се подготвени за разговараат за трипартитната коалиција со Алијансата за Албанците и Алтернатива, но, како што истакна, во меѓувреме ќе се фокусираат и на својата партиска програма.
-Ние продолжуваме со нашите опозициски чекори но нормално е ние да не постапуваме спротивно на тоа што е барање од опозицискиот гласач. Ние сме спремни, како што докажавме, да се надминеме себеси и во овој случај, иако мислиме дека презема погрешен чекор, ние сме спремни и понатаму да седнеме за да разговараме за една евентуална предизборна соработка. Но, од овој момент ние како движење БЕСА, приоритет ќе имаме на нашето организирање, платформа и изградба на една опција која ќе биде победничка на следните избори – изјави Касами.
Откако лидерот на АА Зијадин Села им достави понуди за формирање на коалиција на БЕСА и Алтернатива, во рокот од 48 часа позитивно одговори партијата на Африм Гаши, додека Касами порача дека тоа не е начин да формирање на соработка, туку, според него, потребно е трите партии да седнат на заедничка маса.