Касами и Гаши за првпат си подадоа рака после расколот во Беса

by Фокус

Претседателите на Беса и Алтернатива, Билал Касами и Африм Гаши, потпишале изјава за соработка.

Од денеска, како што посочи Касами, Беса ќе промовира заеднички опозиционен фронт, преку кој, како што вели, уверува дека после 20 години се подготвени до донесат политичка опција, која ќе работи за интересите на граѓаните.

-Албанците 20 години се изморени од ДУИ, од нивното непретставување, затоа што ДУИ овие 20 години ги претставува интересите на нивните кланови и интересите на нивните најблиски, а тоа тие веќе и не го кријат. Стана ексклузивност вработување на важни позиции на блиски луѓе на главните луѓе на ДУИ, не останува простор другите граѓани да имаат продобивка од ДУИ – рече Касами.

И Беса и Алтернатива ќе инсистираат на бришење на терминот „20%“.

-Ние потпишавме изјава за соработка со Алтернатива за заеднички пристап на следните парламентарни избори. Во тој дел сме и во фаза на хармонизација на нашите позиции. БЕСА и Алтернатива не се против уставните измени, но инсистираме кога ќе се отвори уставот, да се реши уште едно важно прашање, а тоа е дефиницијата Албански јазик како 20 %. Со тоа цениме дека уште повеќе ќе се приближиме кон ЕУ – рече Касами.

Од Алтернатива на Гаши соопштија дека причината за денешната средба била формализирање на „подготвеноста за соработка и координирање на политичките активности на двете партии во насока на изградба на опозициски камп кој првично ќе артикулира и ќе ги брани стратешките интегрирани интереси на земјата“.

„Да се биде на важна висина, кога процесот на интеграција се сопнува, кога политичката корупција стана единствен успех на оваа власт, додека албанските етнички права повторно се ставаат на неповолни скали, историскиот момент бара сите албански политички сили, но не само политички, да соработуваат за делигитизација оваа корумпирана, неспособна и штетна власт за интересите на државата и Албанците“, соопштија од таму.

Инаку, Гаши беше генерален секретар на Беса се до расколот во партијата кога брендот го задржа таборот на Касами, додека приврзаниците на Гаши ја формираа Алтернатива.

Поврзани новости