Од Јавното сообраќајно претпријатие на Град Скопје информираат дека во следните неколку денови корисниците нема да можат да купуваат или надополнуваат електронски картички во продажните места кои не се во сопственост на ЈСП, туку услугите ќе можат да ги добијат само во билетарниците.
Како што велат од ЈСП, причината е во тоа што завршил договорот меѓу претпријатието и фирмата-мастер дилер на нивните услуги. Електронската картичка „Скопска“ неколку дена ќе може да се купува или надополнува исклучиво во продажната мрежа на ЈСП Скопје која ја сочинуваат 32 билетарници.
„ЈСП Скопје навремено се подготви за решавање на оваа ситуација, потребната опрема и логистика се обезбедени и многу наскоро граѓаните ќе имаат можност повторно да ги купуваат нашите услуги преку мрежа на секундарна дистрибуција. Ви се извинуваме за евентуалните нелагодности поради оваа ситуација, но пред целосна вредносна искористеност на договорот кој го имаме склучено со фирмата-мастер дилер, не бевме во можност за активирање на подготвено решение, со кое многу наскоро продажба на нашите услуги ќе биде повторно возможна преку мрежа на секундарна дистрибуција“, велат од таму.