КОЛУМНА Драган Алчинов: Нон-пејперот, многу врева за ништо

by fokus 12:44
12:44

За да се случи идно проширување на ЕУ кон Република Македонија мора да се остварат реформи, како внатре во Унијата, така и во нашата земја. Нон-пејперот не донесе ништо ново или непознато

Многу врева за ништо (Much ado about nothing) е една од најдобрите Шекспирови комедии. Екс експертите, односно оние кои некогаш се сметаа за експерти, но потоа станаа членови на разноразни управни одбори, па ја запоставија својата академска кариера и заборавија важни делови од областа која за нив треба да биде поле на експертиза, изигрувајќи дежурни комедијанти по телевизиите, деновиве дигаат многу врева за ништо, фрлајќи со дрва и камења и по ЕУ и по владата на Република Македонија по повод тазе нон-пејперот поднесен од неколку земји-членки на Унијата.

- Advertisements -

Но, нон-пејперот не донесе ништо ново и иако заслужува должно внимание, сепак кон него не треба да се пристапи дефетистички. За да го аргументираме овој став ќе мора најпрво да сфатиме што значи нон-пејперот од процедурален аспект и што всушниот сака тој да каже. Потоа ќе се вратиме наназад сѐ до Самитот на Европскиот совет од 1993 година одржан во Копенхаген и ќе обрнеме внимание на воведувањето на интегративниот капацитет на Европската Унија, како еден од критериумите за проширувањата и неговата конкретизација преку политиките, буџетот и јавното мислење на Унијата, за на крај сосема накратко да го разгледаме целиот контекст на политичките случувања во Европа во изминатава деценија за да го сфатиме таканаречениот замор од проширувањето и внимателноста на земјите-членки при секое понатамошно проширување.

Како прво, од процедурален аспект, нон-пејперот не претставува никаков официјален документ на Унијата или на земјите-членки. Всушност, токму затоа и е наречен нон-пејпер. Целта на секој нон-пејпер е да биде интерен документ со кој испраќачот ќе го опипа пулсот кај соговорниците и ќе поттикне дискусија по одредено прашање. Нон-пејперот ни оддалеку не претставува res judicata.

И содржината на нон-пејперот не е изненадување. Или барем не е изненадување за оние кои ги следат случувањата во Европа и на Балканот. Барањата за реформи на Унијата пред секое идно проширување се вообичаена пракса. Впрочем, токму пред секој циклус на проширувања на ЕУ се случуваа длабоки промени во политичкиот систем на Унијата со што се обезбедуваше прием на новите членки во институциите.
Оние кои го пратат текот на настаните ќе се присетат дека и во овогодинешната Стратегија за проширувањето беше јасно истакнато дека пред да се приклучат нови земји-членки, потребно е да се спроведат внатрешни реформи за функционирањето на Унијата. Грижата за степенот на подготвеност на земјите-кандидати исто така не е новотарија- со тек на времето и поучени од минатите искуства институциите на ЕУ и земјите-членки стануваат сѐ повнимателни и воспоставуваат сѐ построги критериуми за членство.

Европскиот самит во Копенхаген 1993 година ќе остане запаметен по тоа што ја отвори перспективата за зачленување во Европската Унија за земјите од Централна и Источна Европа и ја навести можноста за членство и за земјите од Балканот. Притоа, Самитот ги утврди веќе славните „Копенхашки критериуми“ – односно сетот на политички, економски и административни стандарди кои идните земји-членки треба да ги исполнуваат за да можат да станат дел од Унијата на демократски, просперитетни и стабилни земји.

Она за што помалку се зборува во јавноста кога се споменува Самитот во Копенхаген и „Копенхашките критериуми“ е тоа дека на истиот тој Самит покрај утврдувањето на горенаведениот сет на критериуми кои се обврска на земјата-кандидат за членство, шефовите на држави и влади утврдија дека е потребно да биде исполнет уште еден услов за Проширување на Унијата- имено, Самитот за прв пат утврди дека за да се случи Проширување потребно е Унијата да поседува доволно количество „абсорптивен капацитет“ (подоцна преименуван во „интегративен капацитет“).

На почетокот овој критериум беше маргинализиран и се сметаше за чиста формалност, но со тек на времето се здобиваше со сѐ поголемо значење, особено во периодот кога Унијата се трудеше да се адаптира на инфлуксот на нови 12 земји-членки од проширувањето 2004 и 2007 година. Впрочем, првите години по утврдувањето на абсорптивниот капацитет, како услов за проширување на Унијата, истиот не беше јасно дефиниран, но праксата и теоријата подоцна го определија како капацитет за одржување на моментумот на европската интеграција и подобрување на комуникацијата со граѓаните за осигурување на демократскиот легитимитет на процесот на Проширувањето.

Дополнително на ова, Европската комисија изречно утврди дека капацитетот за интеграција претставува способност на Унијата да прими нови членки во даден период или момент без да ги загрози политички цели зацртани во Договорите на ЕУ и притоа оцени дека е особено важен за успешно и ефективно проширување- односно проширување, кое суштински ќе ги трансформира земјите-кандидати во земји-членки и притоа ќе го задржи единството и функционалноста на Унијата.

Поконкретно, интегративниот капацитет на ЕУ значи дека Унијата мора да осигура дека покрај проширувањето институциите на ЕУ ќе функционираат ефективно и одговорно, дека ќе обезбеди заеднички политики кои ги остваруваат целите зацртани во Договорите, дека ќе постигне буџет кој кореспондира со целите и со финансиските ресурси, како и дека ќе одржува високо ниво на комуникација со граѓаните за да го гарантира демократскиот легитимитет на процесот на проширувањето.

Кога Договорот за Устав на Европа не ја доби мнозинската поддршка од граѓаните на Франција и Холандија во 2005 година, Проширувањето стана жртвено јагне на неуспесите на ЕУ. Новите земји-членки беа неправедно обвинувани за сите недостатоци на европскиот проект. И тогаш беше воведен поимот ,,Enlargement Fatigue”, односно умор од Проширувањето алудирајќи на тоа дека граѓаните на ,,старата Европа’’ се презаситени од ширењето на Унијата.

Наскоро потоа дојдоа и реалните кризи- светската економска криза, финансиската криза во Еврозоната, војната во Украина, мигрантската криза, Брегзит, кризата на вредностите во Полска и Унгарија… И секогаш вината за кризите целосно или делумно се префрлаше врз Проширувањето на Унијата. Затоа се’ повеќе се создава одбивност кон Проширувањето и кај граѓаните и кај политичкиот естаблишмент.

Впрочем високиот степен на корупција, организиран криминал и недоволно почитувањето на човековите права и слободи во некои од новите земји-членки на Унијата заслужува жестока критика и укажува на релативниот неуспех на политиката на Проширувањето. Ова е уште еден силен аргумент за поголема претпазливост при идните Проширувања на Унијата.

Република Македонија е земја која пред само една година беше на работ на граѓанската војна. Снимките од кобниот 27 април го обиколија светот. Последниот Извештај на Европската комисија од 2016 година нотираше дека Македонија е заробена држава со партизирано судство, неефикасна администрација, неслободни медиуми, со екстремно висока стапка на криминал и корупција итн. И не може да се очекува дека состојбите во земјата ќе се променат драстично преку ноќ.

И сосема е очекувано дека земјите-членки, имајќи го сево ова предвид, ќе бидат скептични кон нас. Затоа сосема се во право земјите-потписнички на нон-пејперот кога велат дека реформите се недоволни и дека треба силни напори за земјата да напредува на патот кон целосното остварување на принципите на Унијата. Притоа треба да се забележи дека земјите-потписнички на нон-пејперот не го негираат враќањето на правиот пат и досегашниот прогрес постигнат од новата влада! Со тоа тие се на истата линија како и Европската Комисија, многуте невладини организации, но и самата Влада на РМ која бара широк општествен и политички консензус за реформите да продолжат.
Заклучокот е дека за да се случи идно Проширување на ЕУ кон Република Македонија мора да се остварат реформи како внатре во Унијата, така и во нашата земја. Нон-пејперот не донесе ништо ново или непознато. И додека Унијата работи на својата подготовка за идните рунди на Проширувањата, ние треба да продолжиме да работиме на нашата домашна задача- враќање на демократијата и владеењето на правото, департизација на судството, борба против корупцијата и организираниот криминал, подобрување на човековите права и слободи… Дигањето многу врева за ништо нема да донесе придобивки никому.

Драган АЛЧИНОВ

Поврзани новости