Жителите од скопската населба Карпош 4 собраа потписи против изградбата на плоштад на местото на сегашното зеленило.
Заедно со списокот, до Општина Карпош доставија и барање да се поништи одлуката за изградба на плоштадот.
-Сметаме дека изградбата на овој плоштад сериозно ќе ги наруши правата на жителите загарантирани со Уставот (член 43) и начелата загарантирани со член 4 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, според кој, меѓудругото, се предвидува рационално уредување и користење на просторот, услови за хумано живеење и работа на граѓаните. Бараме Општината, чија должност и обврска е да ги заштитува нашите граѓански права, да има слух за желбите и интересите на жителите и да ја поништи одлуката за изградба на непосакуваниот плоштад. На ваков начин сметаме дека ќе се спречи и непродуктивно трошење на средства, спротивно на интересот на жителите- стои во барањето на жителите на Карпош 4.
Доколку Општината не им го уважи барањето, жителите најавуваат дека ќе преземат други мерки за да го спречат уништувањето на паркот.