Карневалот во Струмица и официјално откажан

by fokus

Почитувајќи го заклучокот на Владата и препораките на Министерството за здравство, Општина Струмица и Организацискиот одбор на карневалот ги откажуваат сите манифестации од програмата на „Струмичкиот карневал 2020“, информираше попладнево на прес-конференција градоначалникот на Струмица, Коста Јаневски.

Додаде дека со откажувањето на карневалските манифестации се избегнува и најмалиот ризик за евентуално ширење на коронавирусот.

– Општина Струмица континуирано ја следеше и понатаму ќе ја следи актуелната состојба и апелира до граѓаните за релевантни да ги сметаат само информациите од компетентните институции, а не од непотврдени извори. За сите понатамошни одлуки со карневалските случувања ќе следуваат дополнителни информации, рече градоначаникот Јаневски.

Според претседателот на Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал, Александар Цицимов, за евентуално одржување на главните манифестации на карневалот ќе се одлучува заедно со карневалските групи.

-Ние апсолутно го почитуваме нивното мислење, но од тоа што се случи на вчерашниот консултативен состанок со нив, каде што повеќето од нив беа за одложување на карневалот, мислам дека се расположени во еден друг термин, откако ќе заврши оваа кризна состојба, да го утврдиме терминот и во тој термин, мислам, дека ќе треба да го повториме Струмичкиот карневал, пред се, заради јубилејот, но уште повеќе поради огромниот труд на нашите карневалски групи за да излезе на виделина пред публиката и се надевам пред гостите кои ќе дојдат во тој период на карневалот, рече Цицимов.

На Интернационалната карневалска вечер, што беше закажана за утре, требаше да учествуваат 46 карневалски групи од земјава и странство, со над 1.200 учесници.

Поврзани новости