Каракамишева, жестокиот подржувач на ВМРО-ДПМНЕ има седум-осум функции во управни одбори и комисии

by Fokus

Тања Каракамишева, жесток подржувач на политиките на ВМРО-ДПМНЕ, освен професорскиот ангажман на скопскиот Правен факултет, има и уште седум-осум други функции, што значи дека располага со богато работно си-ви.

Нејзината кариера вртоглаво расте, како што ДПМНЕ од година во година сѐ повеќе ја зацврстуваше својата власт, така професорката сѐ повеќе го збогатуваше своето работно портфолио.

Според нашите информации, а и според податоците објавени во Службен весник, Каракамишева уште од 2010 година почнува да добива функции, па така во декември таа станува член на матичната комисија за вршење на подготовките за почеток на работа на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Само еден месец подоцна, во јануари 2011 година, станува претседател на Комисијата на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство на истиот универзитет.

Во 2014 година Каракамишева е разрешена како член на Одборот за доделување на државната награда „Гоце Делчев“, за во истиот момент повторно да биде избрана како член на истата комисија со потпис на тогашниот премиер Никола Груевски. Истата година, во април таа станува претседател на Комисијата за вршење на подготовките за почеток на работа на Факултетот за информатички и комуникациски технологии на универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола, а само неколку месеци подоцна, во декември таа станува претседател и на Комисијата за вршење на подготовки за почеток со работа на јавната научна установа – Филмска академија во Охрид.

Една година подоцна, во декември 2015 година, Каракамишева е именувана за член на Одборот за акредитација и евалуација на високото образование, а истовремено беше и во Надзорниот одбор на Македонски пошти.

Нашите извори тврдат дека во сите тие одбори, таа добива дополнителни финансиски средства, па во таков случај не и чудно што секоја вечер може да се види како „експерт“ на провладините медиуми.

Каракамишева, исто така беше дел од Граѓанското здружение за одбрана на Македонија, каде што заедно со уште неколку негови членови ја преораа целата држава за да ги убедат граѓаните дека масовното прислушување било изведено од странски служби, не од МВР и УБК, за да може Заев да го тргне Груевски од власт и нелегално да ја присвои власта. Таа истовремено беше меѓу првите професори кои се спротивставија на масовните протести на студентите, кои речиси цела година водеа битка против екстерното тестирање, но затоа, пак, Каракамишева експресно се најде и на листата на Професорскиот контрапленум, инсистирајќи екстерното тестирање да се воведе и на факултетите.

И.М.

Поврзани новости