Вицепремиерот и министер за одбрана, Красимир Каракачанов, застана во одбрана на европратеникот од бугарските конзервативци, Ангел Џамбаски, и при тоа повторно истакна дека македонската нација е формирана во 30-тите години на минатиот век.
Џамбаски навлезе во политички препукувања со Бугарската социјалистичка партија откако изјави дека дека сите бугарски социјалисти се за стрелање. Претседателката на БСП, Корнелија Нинова, испрати протестно писмо до претседателот на Европскиот парламент повикувајќи го да се огради од изјавите на бугарскиот европратеник.
Каракачанов пак и порача дека таа и нејзината партија треба да му се извинат на народот во Бугарија за колосалното, како што рече, предавство.
-Се додека Нинова и нејзините сопартијци не им се извинат на бугарските граѓани за нивното колосално предавство (создавањето на македонската нација), какви глупости и да збори за темата Македонија за мене немаат никакво значење – рече Каракачанов, пренесе „news.bg“.
Тој додаде на тоа дека Бугарската комунистичка партија извршила предавство со тоа насилно го принудувала населението во Благоевград да се декларира како македонско.
-Тие историски факти Џамбаски ги нарече национално предавство и рече дека оние го сториле тоа заслужуваат да бидат стрелани. Тој збореше за луѓе кои не се повеќе меѓу живите. Џамбаски е целосно во право бидејќи македонската нација беше измислена за време на Коминтерната во 1932 година – рече Каракачанов.