Пановска не одлучувала за тендерот кој го доби „Д-р Пановски“, Хематологија најавува тужби

by fokus

Менаџментот и стручниот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија – Скопје најостро ги демантира наводите изнесени на прес конференцијата на политичката партија ВМРО ДПМНЕ, а кои се продолжение на тенденциозниот прилог на електронскиот портал „Економски лидер“, објавен на 10.08. а потпишан од новинарот Љупчо Златев, реагираат од Хематологија.

Од Хематологија негираат дека директорката на Клиниката Ирина Пановска Ставридис која воедно е и ќерка на сопственикот на веледрогеријата „ПАНОВСКИ“, поделила тендери во висина од 2,2 милиони евра на фирмата на својот татко. Во соопштение до јавноста од Клиниката велат дека нема судир на интереси, поради тоа што Пановска била изземена од сите постапки за јавни набавки каде учествувала веледрогеријата на татко и. Во тој случај, велат, директорката овластувала друго лице да ја спроведе набавката.

Од таму додаваат дека во интерес на објективно информирање на јавноста ги презентираат следните факти:

„Прво, вон. проф. д-р. Ирина Пановска Ставридис е именува за в.д. директор на 00 август 2017 година и во досегашниот нејзин мандат, ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија – Скопје, спроведе само една јавна набавка на лекови, бр.09-1005/1 од 11.12.2017 година, за набавка на 211 видови лекови.

Второ, земајќи предвид дека за дел од лековите кои се дел од клиничкатe протоколи за пациентите кои се лекуваат на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија – Скопје, единствен застапник, увозник и дистрибутер за Република Македонија е токму веледрогеријата „Д-р Пановски“, која со години наназад учествува на јавните повици и склучува договори за јавни набавки со клиниката, вон. проф. д-р. Ирина Пановска Ставридис во согласност со Законот за спречување на судир на интереси, како овластено лице, на 18.09.2017 година до Државната комисија за спречување на корупцијата поднесе Изјава за нејзино изземање од сите постапки за јавни набавки каде како потенцијален понудувач може да се јави оваа веледрогерија. Комисијата на 17.11.2017 година со писмено известување му укажа на менаџментот на клиниката, за вакви случаи да овласти друго лице за спроведување на јавните набавки, како што е и постапено.

Трето, за конкретната јавна набавка на 211 видови лекови, бр. 09-1005/1 од 11.12.2017 година, беше распишан меѓународен јавен повик, кој траеше 90 дена. Дополнително, заради воспоставување највисоки стандарди за отчетност и транспарентност во процесот на спроведување на јавните набавки, согласно член 30, став 1 од Законот за јавни набавки, со својство на надворешни стручни лица кои не се вработени на клиниката, а со делегирана надлежност да го следат и да вршат увид во начинот на кој се реализираат јавните набавки на клиниката, назначени беа претставници на организациите на невладиниот сектор (НВО) кои извршија увид и изготвија соодветен извештај за конкретната јавна набавка.

Конечно, несомнено е дека даночните обврзници имаат целосно право да знаат и во секое време да имаат увид на кој начин и за кои цели се троши секој нивен денар. Ние никогаш ништо не сме криеле, туку напротив, се што е во надлежност на клиниката ставаме не целосен увид на јавноста. Оттука, наместо да се искривуваат фактите, и да се прават обиди за лажно претставување во јавноста дека некој е привилегиран, треба да се земе предвид и податокот дека веледрогеријата „Д-р Пановски“ на конкретната јавната набавка за 211 видови лекови, склучи договор со ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија – Скопје за набавка на 18 лекови од 211 распишани ставки. За останатите видови на лекови ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија – Скопје склучи договори со други понудувачи.

Менаџментот и стручниот колегиум на ЈЗУ Универзитетска клиника за хематологија – Скопје ги повикува сте надлежни државни институции да извршат увид во работењето и спроведувањето на јавните набавки и да ги расчистат сите наводи со кои некој се обидува да печали дневно политички поени нанесувајќи штета на јавното здравство, кое за жал со години беше држено во заложништво од нивните кадри. Ние ќе продолжиме да работиме посветено, заради подигнување на квалитетот на здравствените услуги и понатаму ќе воведуваме највисоки стандарди на лекување и професионално ќе се бориме да ја вратиме довербата на пациентите во јавното здравство. Истовремено, го задржуваме правото за сите тенденциозни напади и изнесени невистини упатени на наша адреса да го заштитиме нашиот углед и чест преку соодветна судска постапка, соопшти ЈЗУ УК за Хематологија“, велат од Клиниката.

Поврзани новости