Компанијата „РКM“ ДООЕЛ Скопје, во сопственост на поранешниот директор на салата Борис Трајковски и на компаниите на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко – Ратко Капушевски, добила лиценца за трговија со мазут. Според надлежната Регулаторна комисија за енергетика, „РКМ“ на Капушевски поднела барање за издавање на петгодишна лиценца за трговија со мазут на големо на 1 јули годинава, а регулаторот донел позитивна одлука на 20 јули.
Според податоците од Централниот регистар, „РКМ“ е формирана кон крајот на 2015 година со назив „Балкан оил експорт груп“, по што во 2016 година го менува називот во РКМ МКР, а потоа и во денешниот РКМ, чија основна главнина е претставена преку паричен влог од 36.000 евра. Во рамки на компанијата, функционираат две подружници, од кои едната е во Босилово, каде што се наоѓа складиштето за мазут.
Финансиските извештаи на друштвото, пак, покажуваат дека во 2018 година остварило приходи од над 4 милиони денари и профит од 3,2 милиони денари. Веќе во следната 2019 година, се забележува голем скок на приходите, кои достигнуваат 49 милиони денари, меѓутоа компанијата ја завршува годината во минус од 5,2 милиони денари, со оглед дека расходите изнесувале 54,2 милиони денари.
Инаку, лиценцирањето на оваа компанија се случува во период кога се спроведуваат две големи тендерски постапки за снабдувањето со мазут, каде услов за учество, покрај останатото, е и поседување на лиценца. Притоа, една од нив е набавката на Министерството за внатрешни работи на 1.350.000 килограми мазут, кој, како што велат од МВР, потоа се испорачува на точно одредени локации во Скопје и низ државата во соодветни цистерни и резервоари.
Поточно, набавката на мазут се реализира преку еден дел, односно лот, во рамки на тендерска постапка во која уште се набавува и екстра-лесно гориво, распишана на 7-ми јули годинава, или 13 дена пред РКМ да стане најнова лиценцирана компанија за трговија со мазут во земјава. Сепак, Каупушевски тврди дека не планира да учествува на овој, ниту на било кој друг тендер.
-Мојата компанија работи исклучиво со приватни компании и не планираме да даваме понуда на тендер за снабдување на државни органи – ни изјави тој, потенцирајќи дека воопшто не следи јавни набавки.
Како што веќе објави Фокус, МВР моментално спроведува 3 посебни тендерски постапки за нафтени деривати, во кои, спротивно на досегашната практика, не бара банкарска гаранција за квалитетно извршување на работите, со образложение дека во вакви постапки банкарската гаранција може да се наплати по раскинување на договорот, а воедно таа ја поскапува цената на понудата и ја дестимулира конкуренцијата.
Меѓу нив е и тендерската постапка за набавка на мазут и екстра-лесно, во чии рамки се одложи рокот за доставување на првични понуди. Имено, крајниот рок за доставување понуди на тендерот за набавка на еуродизел и еуросупер е 27 август, додека крајниот рок на тендерот за набавка на мазут и екстра-лесно првично бил 6 август, но потоа рокот се пролонгирал до први септември.
Во однос на одложување на рокот, од МВР ни одговорија: „Крајниот рок за поднесување на понудите е одложен по основ на изменети тендерски документации по поставени прашања од страна на економски оператори. Дали има поднесени понуди на ЕСЈН не може да одговориме од причини што и да има истите се криптирани и невидливи за комисијата до денот и часот на јавно отворање на понудите…“.
Влатко Стојановски