Зошто МВР ја тргна банкарската гаранција од милионските тендери за нафта?

by Фокус

Министерството за внатрешни работи моментално спроведува неколку тендерски постапки за набавка на нафтени деривати. Како што пишува најновиот број на неделникот Фокус, во рамки на овие тендери не се бара банкарска гаранција за квалитетно извршување на работите, што е спротивно на досегашната практика на МВР. Иако од таму ги известиле заинтересираните економски оператори дека ја изоставиле банкарската гаранција за да им излезат во пресрет на компаниите за време на корона-кризата, сепак, Министерството истовремено бара ваква гаранција во други постапки.

Влатко Стојановски

Според податоците од Бирото за јавни набавки, Министерството за внатрешни работи на 7 јули годинава објави два огласа за склучување договори за јавна набавка, односно за рамковни спогодби за нафтени деривати. И двете тендерски постапки се поделени на два дела, или таканаречени лота, така што во едната постапка се набавува еуродизел и еуросупер 95, додека во втората постапка се набавува мазут и екстра-лесно гориво.

Нешто подоцна, односно на почетокот на месецов, МВР објави оглас и за набавка на гориво (еуросупер и еуродизел) со вредносни ваучери. Оваа јавна набавка е поделена на 35 лота по територијален принцип – различен град различен лот, со тоа што во оваа набавка не се опфаќа Скопје, со оглед дека МВР во главниот град поседува сопствени бензиски пумпи од каде се точи набавеното гориво.

За сите три јавни набавки, договорниот орган бара од компанијата што ќе ги мине сите фази на постапката и ќе достави најдобра понуда да потпише изјава за сериозност, но не бара да обезбеди банкарска гаранција за квалитет. Тоа е специфично од причина што во последните постапки за набавка на нафтени деривати МВР барало ваква банкарска гаранција.

Инаку, МВР во периодот 2017-2019 година, склучило, исто така, двегодишни договори или рамковни спогодби за набавка на нафтени деривати, со неколку компании. Конкретно, „Лукоил“ ги добил двата посебни тендери за еуросупер и еуродизел во вредност од 118.000.000, односно 94.000.000 денари, „Супертрејд“ го добил тендерот за мазут од 54.000.000 денари, а „Пуцко Петрол“ тендерот за екстра-лесно од 82.000.000 денари.

Што се однесува до набавката на гориво преку ваучери, МВР кон крајот на 2018 година склучило договори со „Лукоил“, „Пуцко Петрол“, „Дива Компани“ и „Детоил“ од вкупна вредност од над 60.000.000 денари, додека во 2019 година е склучен договор со „Макпетрол“ од околу 32.000.000 денари.

Во сите тендерски постапки, од кои дел се уште се активни, се барала банкарска гаранција во износ од 5 отсто од вредноста на договорот. Единствено, исклучок претставува набавката на гориво преку ваучери минатата 2019 година, кога МВР склучи договор со „Макпетрол“.

Во тој контекст, на барање на еден од заинтересираните економски оператори да се изврши измена на тендерската документација во насока на воведување на банкарска гаранција за квалитет со цел навремено и квалитетно извршување на договорот, од Министерството одговориле:

„Согласно економската ситуација во државата, како и отежнатите услови во стопанисувањето, договорниот орган одлучи да не бара банкарска гаранција за квалитетно извршување на работите, со цел да им излезе во пресрет на економските оператори“.

Таквиот став е во спротивност со фактот дека во многу други тендерски постапки што МВР ги спроведува во моментов бара банкарска гаранција за квалитет, како што е случај во набавките за тековно одржување на објекти на МВР, за видеонадзор и контрола на пристап, за прехранбени стоки и потрошни материјали, за униформа, за чевли итн.

Во одговорите што ни ги испратија, од МВР велат дека изјавата за сериозност на понудата е задолжително барање согласно закон, додека банкарската гаранцијата за квалитетно извршување на договорот е опционална, по проценка на договорниот орган.

„Став на договорниот орган е при склучување на рамковни спогодби согласно кои се реализираат поединечни порачки на стоките со помали вредности, а особено при набавка на стандардизирани стоки, да не се бараат банкарски гаранции на поединечните договор-порачки од причини што банкарската гаранција како заштитен механизам освен што може да се наплати по раскинување на договорот, не е услов за негативна референца на економскиот оператор, а од друга страна ја поскапува цената на понудата“, велат од МВР.

Од таму додаваат дека на овој начин се обезбедува и поголема конкуренција, а, како што истакнуваат, договорниот орган во рамковните спогодби и договорите за јавни набавки предвидува други заштитни механизми од неквалитетна и ненавремена испорака, како наплата на казнени пенали, наплата на направена штета и сл.

„Јавната набавка на еуродизел и еуросупер 95 се однесува за потребите од предметните горива на министерството и се испорачува во кругот на седиштето на МВР, односно во сопствени бензински пумпи од кои се точи во службените возила, додека за мазут и екстра лесно гориво се испорачува на точно одредени локации во Скопје и низ државата во соодветни цистерни и резервоари. Истите се објавени без објавување на проценетата вредност, што е законска можност, која е испланирана врз основа на просечната годишна потрошувачка на тие горива“, објаснуваат од МВР.

Од таму посочуваат дека набавката на гориво со ваучери се набавува за потребите на државниот орган низ цела држава, каде горивото се точи на самите бензиски пумпи на економксите оператори во сите градови низ државата. Како што велат од таму, оваа набавка се дели на повеќе делови со цел зголемување на конкуренцијата и овозможување на учество и на помали економски оператори.

Целата сторија прочитајте ја во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

 

Поврзани новости