Маестро на хармоника, Горан Алачки влегува во игра за избор на градоначалник. Тој е уште еден музичар кој на претстојните избори ќе се обиде да добие градоначалничка функција, кандидиран од Интегра-Македонска конзервативна партија, за Општина Берово.
За ,,Фокус” Алачки кратко ја потврди веста, но поради работни обврски во беровско, не можел да ги образложи деталите за кандидатурата во моментот, и вети дека наскоро ќе биде достапен да одговори на прашањата од јавен интерес.
-Да, можам да потврдам дека е така. Интегра имаше прав ,,сенс” да ме одбере и кандидира како независен кандидат. Моментално имам мајстори, се работи на изградбата на културниот центар, им пукна водоводна цевка на мајсторите, па ако може да го одложиме разговорот за понатаму. Финишираме со изградбата, благодарам за разбирањето, секако дека ќе сум достапен и транспарентен, бидејќи ова е долга тема и интересна приказна – ни одговори музичарот на прашањето за кандидатурата и што конкретно тој им нуди на жителите на Берово.
Инаку, Алачки веќе подолг период е во село Владимирово, беровско, каде го гради Културниот центар ,,Горан Алачки – Колибите”. Тоа ќе биде комплекс со голема летна сцена, хотел со апартмани, дневен простор во кој ќе се одржуваат семинари, и каде ќе се случуваат разни културно-уметнички настани посветени на негувањето на македонската песна, култура и фолклор.
Уште кога започна со изградба минатата година, Алачки изјави дека целта му е да го заживее Владимирово и Берово, а комплексот да стане голем Балкански културен центар.
И од Интегра ја потврдија неговата кандидатура.
-Независна кандидатура и надпартиски момент, каде ќе може Алачки сета своја енергија да ја изнесе на јавната сцена.Се враќа во Берово, тој живее таму, таму му е личната карта, гради културен центар, сака од Берово да направи еден поинаков лик, една поинаква средина.
Инаку, тој е интернационално познат, насекаде на планетата, нема континент каде тој не ја раширил македонската традиционална музика. Тоа човек што збори со своето срце за својот народ и за својата татковина, а сега тоа ќе го покаже на дело и за беровчани, од каде како концентрични кругови ќе се шири таа визија и творечка енергија низ цела Источна Македонија – изјавија од партијата.
Вики Клинчарова