Поранешната министерка за култура Елизабета Канческа-Милевска тврди дека немало никакви преговарања со власта да гласа за уставните измени во Собрание за промена на името и за возврат да добие некакви привилегии за судскиот случај „Тендери“ што се води против нејзе.
Таа тврди дека интересите на државата и биле на прво место и дека од сегашна дистанца можело да се заклучи дека воопшто немало никакви преговори за случајот што се води против нејзе, со оглед на тоа што се уште траел и таа редовно се појавувала во суд.
-Имам судски редмет кој се уште тече, одам на суд на секоја покана од судот. Лично не сум преговарала, а не ми доаѓа ни на памет. Интересите на државата ми биле на прво место, и тоа така ќе остане, рече Канческа-Милевска во емисијата „Жешко политичко лето“ на Канал 5.
Сепак фактите покажуваат дека процесот против Канческа – Милевска се води со години и дека токму кога стигна пред завршни зборови беше разрешен судија-поротник бидејќи исполнил услови за пензија. Сега Канческа не кажа прецизно дали како странка во постапката ќе бара сите докази да се изведуваат од почеток или ќе бидат само прочитани за да не се губи време во судскиот процес.
За распаѓањето на новиот Македонски народен театар, кој беше дел од проектот „Скопје 2014“ година, а кој чинеше над 37 милиони евра, Канческа вели дека се случило поради неодржување на објектот и запушување на сливниците кои не биле чистени, а не поради неквалитетниот материјал.