Тензии во Тунис: Претседателот го разреши премиерот и го суспендираше парламентот

by fokus

Претседателот на Парламентот на Тунис, Рашед Гануши денеска седна пред зградата на законодавниот дом откако армијата го спречи да влезе, по одлуката на шефот на државата Каис Сајед за суспендирање на работата на Парламентот.

Неколку стотици приврзаници на Сајед се собраа пред Парламентот извикувајќи пароли против партијата Енахде, предводена од Гануши. Тие го спречија Гануши да се приближи до Парламентот.

Гануши и неколку пратеници утрово околу три часот по локално време тргнаа кон Парламентот, но армијата ги спречи да влезат во зградата, па затоа тие седнаа пред објектот.

Сајед синоќа ја замрзна работата на Парламентот на 30 дена, а одлуката може да биде продолжена на неколку месеци. Тој исто така го разреши и премиерот Хикем Мечичи и ја презеде функцијата се до именување на нов премиер.

По одлуката приврзаниците на Сајед славеа на улиците, додека критичарите го обвинија дека ја приграбил власта и ја загрозил кревката демократија во Тунис.

Двете преостанати најголеми партии во парламентот, Срцето на Тунис и Карам, му се придружија на Енахда во обвинувањето на Сајед за пуч. Поранешниот претседател на Тунис, Монсеф Марзук истакна дека ова може да биде почеток на „уште полоша состојба“.

Во повеќе градови во Тунис вчера се одржаа антивладини протести поради зголемениот број на новозаразени со Ковид-19 и влошената економска состојба. Протести имаше и во Гафса, Сиди Бузид, Монастир и Набеул, додека во Тосур демонстрантите го запалија седиштето на Енахде.

Саид, во изјавата за најавата за смена на Мечичи и замрзнување на Парламентот, посочи дека тој исто така го суспендирал законскиот имунитет на членовите на парламентот и дека ја презема контролата над канцеларијата на главниот обвинител.

Сајед употреби посебна уставна мерка што му овозможува да ја преземе извршната власт и да ја замрзне работата на Парламентот на неопределено време додека не се овозможи повторно нормалното работење на институциите.

– Ја донесовме оваа одлука што ќе биде во сила се додека социјалниот мир не се врати во Тунис и нема да ја спасиме земјата, нагласи Сајед во телевизиско обраќање.

Пандемијата ги зголеми тензиите помеѓу Сајед и Мечичи

Претседателот и Парламентот беа избрани на посебни избори во 2019 година, додека премиерот Мечичи ја презеде функцијата минатото лето. Во меѓувреме, како резултат на парламентарните избори, Тунис добива нефункционален Парламент во кој ниту една партија немаше повеќе од четвртина од местата.

Поврзани новости