Поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска, од партиската говорница во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, ги повика пратениците од СДСМ да не го поддржат договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.
„Договорот за добрососедство со Република Бугарија кој го потпиша владата на Зоран Заев е во спротивност со македонските државни и национални интереси и прави од македонската страна губитник во целиот процес. Социјалдемократскиот сојуз сосема нетактички и непромислено, непочитувајќи ги државните и националните интереси го склучи договорот со Република Бугарија, без притоа да обезбеди поволна позиција за Република Македонија во повеќе точки од самиот договор“, порача Канческа-Милевска.
Со вака формулираниот договор, Бугарија вели дека ќе се согласи со одлуката која што ќе биде донесена од страна на врвот на НАТО, посочи таа. Според ВМРО-ДПМНЕ со договорот Заев буквално ја обврзал Република Македонија поддршката од Република Бугарија за влез во НАТО да ја добие тогаш, кога за тоа ќе добие амин од Грција, односно ќе го смени името на државата по грчки терк.
„Доколку Зоран Заев сакал да извојува фер позиција за Република Македонија, во договорот требало да ја вклучи пресудата на меѓународниот суд во Хаг, во врска со спорот за името со Грција, во која според сите норми на меѓународното право беше пресудено дека Република Македонија може да се приклучи кон НАТО согласно времената спогодба“, додаде екс министерката.