По синоќешните собири на „Македонија бојкотира“ пред домот на поранешната министерка, таа им се обрати на своите соседи, роднини и пријатели, извинувајќи им се поради непријатностите.
Нејзиното обраќање го пренесуваме во целост:
„Сакам јавно да им се извинам на моите сограѓани, почитувани комшии, роднини и пријатели за синоќешниот настан кој беше организиран од страна на одредена група и се случи пред и околу мојата семејна куќа во населба Црниче.
Со организацијата на овој настан свесно или несвесно од страна на водачите и учесниците на групата се наруши приватноста, пред се, се наруши личниот и семејниот мир на луѓето кои живеат во ова место, на моите комшии, роднини и пријатели, и на сите мои сограѓани кои живеат во населбата Црниче.
Почитувам изразување на некој став што може секој да го искаже и сето тоа е легитимно, но не на овој начин. Никој не е должен да слуша одредени ставови на одредена група која сака да ги соопшти на некоја друга личност, нарушувајќи ја нивната приватност и нивниот личен и семен мир во местото во кое живеат. Треба да се почитува јавниот простор и да не се злоупотребува приватноста на никој од нас. Постојат места каде се изразуваат одредени ставови, а тоа јавниот простор, преку најразлични форми на изразување и дебата. Треба да ги почитуваме институциите на системот и дебатата да се одвива таму.
Доколку сето ова не се почитува од секој од нас, се друго води кон анархија, безредие и незрелост. Во мојата семејна куќа живеам повеќе од 45 години, на почетокот со моите родители, сега и со моето семејство, и потесно и пошироко.
Во овие изминати години поминати заедно во ова прекрасно маало Црниче кое многу го сакам, и во кое маало моето детство е поминато заедно со сите останати кои живеат овде, не поврзуваат само убави моменти и лично и семејно се карактеризираат со длабока почит, љубов и искрено пријателство и помагање еден кон друг. Искрено жалам за тоа сто се случи синоќа, од мене лично и од моето семејство сакам уште еднаш да се извинам до сите вас“.