По девет месеци работа на финансиската полиција, повикување на распит на поранешни и сегашни вработени и со еден казнен налог, управителот на националното радио Канал 77 е осуден на три месеци затвор за блокирање на фирма должник на радиото, блиска до власта и директно поврзана со провладините медиуми, реагираа денеска од радио Канал 77. Нивното соопштение ви го пренесуваме во целост:
За распитот на вработените, Канал 77 беше приднуден да ангажира адвокат. Правосудните органи ниту побараа дополнителни докази, ниту повика претставник на ТРД Канал 77 или пак управителот Горан Гаврилов. Радио Канал 77 во периодот од јули 2014 до март 2015 година беше под инспекциски надзор од страна на Управата за финансиска полиција на Министерство за финансии.
Во меѓувреме, поради законски причини за непопречување на истрагата не бевме во можност да информираме, ниту пак да даваме било какви наши објави и коментари на јавноста.
Финансиската полиција има доставено Посебен извештај до Основното јавно обвинителство Штип, кое превзеде постапката. Основното јавно обвинителство Штип преку обвинителката Билјана Тошева Анакиева има поднесено Предлог за издавање казнен налог до Основен суд Штип, со предлог да биде осуден Радио Канал 77 со 100.000,оо денари парична казна, а управителот Горан
Гаврилов со три месеци затворска казна или условно една година, доколку не стори слично дело.
Од страна на Основниот суд од Штип, претставувано од Судиката Јулијана Недкова, предлогот на обвинителството е целосно прифатен и е предложена пресуда по истиот казнен налог со дополнување дека паричната казна на Канал 77, доколку друштвото не ја плати, неговиот основач да ја плати. При тоа, Судот бара да ја деблокира фирмата должник на радиото, која е блиска до власта и да тужи за отштета.
Државата преку Финасиската полиција, се вмеша во чист граѓанско – правен однос меѓу две компании, облигационен однос меѓу два субјекта, каде што државата не е оштетена на никаков начин. Ваквиот облигационен однос не е кривично дело и се решава во редовна граѓанска постапка. Поради тоа, Радио Канал 77 поднесе приговор со барање за вештачење од независен субјект. На овој поднесен приговор очекуваме да се закаже рочиште.
Правниот субјект од Скопје, кој што е должник на Канал 77, е во блиски релации со владеачката партија а нејзиниот основач е директно поврзан со провладините медиуми, па очигледно успева во тоа што го замислат, без никакви проблеми по вертикалата на извршната и судската власт, да се дојде до реализација.
Радио Канал 77 на оваа апсурдна ситуација, на закани со затвор на Управителот поради чист облигационен однос, го смета за директен напад и притисок врз медиумот и вработените, и секако ќе се браниме со правните средства најпрво со барање за иземање на судиката Јулијана Недкова, бидејки нашиот единствен начин е легалниот начин.
Во овие 24 години колку што постои Канал 77 сите власти се обидувале да го стават под контрола. На нашиот силен отпор му се враќаше од одлуки за одземање на лиценцата, со блокирање на сметката од страна на државни институции и општински власти, па се до физички напад врз управителот и куќен притвор врз основачот.