Непријатна пост-новогодишна честитка добија камперите кои имаат свои приколки во Автокапмпот Крани на Преспанското Езеро. На почетокот на месецов, без никаква претходна најава тие ги добија договорите за 2022 година со цена на основица повисока и до 50 отсто.
Но, освен покачувањето на основицата, со новите договори им се наметнува и нова давачка: плаќање на потрошена електрична енергија. Досега, електричната енергија беше вклучена во основицата.
Освен што на основната цена која сега е околу 30.000 денари (варира во зависност од квадратурата), камперите ќе треба да плаќаат и потрошена електрична енергија. За таа цел, концесионерот им наметува и сами да ја платат набавката на броилото: 5.500 денари.
Па така, сега концесионерот ќе им ја препродава струјата која тој ја купува, и тоа по индустриска цена. Иако, станува збор за камп-приколки, а не фирми и иако нема лиценца за продажба на електрична енерегија.
Ако досега годишната закупнина за сопствена камп-приколка во Крани била 19.000 денари, со вклучена електрична енергија, сега таа изнесува 28.000 денари, без вклучена електрична енергија.
Кога на оваа цена ќе се додаде и потрошената електрична енегрија наплатена како индустриска струја, годишниот закуп може да достигне и до 40.000 денари, што е поскапување од над 100 отсто.
Концесионерот, фирмата „Трпеновски ДООЕЛ“ Битола, зголемувањето на закупот го правда со растот на минималната плата која сега треба да им ја исплаќа на вработените, како и со растот на цената на струјата.
Камперите не ги потпишуваат новите договори и бараат иако има зголемување на цената за закупот, тоа да биде помало. Особено што, освен наплатување на потрошената електрична енергија, сега има и големо покачување на самата основица. Тие во недела ќе излезат на протест во автокампот.
К.С.Б.
ФОТО: Фејсбук „Автокамп Крани“