Возачите на трактори и други работни машини, согласно со Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и согласно со Законот за возила, за да учествуваат во сообраќајот треба да поседуваат соодветна возачка дозвола и да управуваат со технички исправни и регистрирани возила.
Искуството од терен и податоците од Станиците за технички преглед на возила, покажуваат дека голем број на возачи на трактори и работни машини не поседуваат соодветна возачка дозвола и голем број на трактори, мотокултиватори, приколки и други работни машини, учествуваат во сообраќајот, нерегистрирани, неосигурани, неосветлени и технички неисправни.
Заради ваквата состојба, РСБСП донесе одлука за реализација на Кампања за безбедно учество во сообраќајот со земјоделска механизација и работни машини. Кампањата има за цел да ја подигне свеста за сериозните последици од неодговорното учество во сообраќајот со трактори и работни машини.
Кампањата ќе се реализира на територијата на цела држава, во сите земјоделски региони и ќе се реализира со поддршка на Министетрството за внатрешни работи и Општинските совети за безбедност на сообраќајот на патиштата, и други.
Во рамките на наведената кампања, РСБСП во соработка со МВР, ќе организира повеќе настани и активности и тоа: сообраќајни контроли, едукативни разговори и поуки со возачите на трактори и работни машини, дистрибуција на едукативни материјали, во прв ред, засилени активности за едукација на возачите на наведената категорија на возила, за потребата од поголема видливост на тракторите, приколките и другите работни машини во сообраќајот, дистрибуција на флуоросцентни траки, триаголници, ротациони светла итн.
Покрај тоа ќе бидат реализирани и активности преку електронските и социјалните медиуми, со цел, за подигнување на свеста за последиците од неодговорното учество во сообраќајот со трактор, приколка, мотокултиватор, итн.
Реализацијата на оваа кампања ќе придонесе за повисока сообраќајна едукација на возачите на трактори, приколка, мотокултиватор и останатите учесници во сообраќајот и намалување на бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди.
РСБСП упатува апел до возачите на трактори и други работни машини да бидат внимателни при управувањето со нив и да ги означат со законски пропишаната сигнализација, со цел да бидат видливи за останатите учесници во сообраќајот со што би се избегнале евентуални сообраќајни незгоди кои може да резултираат со повреди и загуби. Безбедноста на возачите на трактори и на останатите учесници во сообраќајот секогаш треба да биде на прво место!