Случајот „Монструм“ – тема на уште една средба меѓу Ахмeти и дипломатите

by Фокус

Претседателот на ДУИ, Али Ахмети ја нагласил потребата за правично судење, особено за случајот Монструм на денешната тетовска средба со делегацијата составена од претставници на министерствата за надворешни работи на Бенелукс – Холандија, Белгија и Луксембург како и амбасадорите на Холандија и на Белгија во Македонија, информираат од ДУИ.

Тој на гостите им потенцирал дека неговата партија е партнер на меѓународната заедница за реформите во однос на владеењето на правото, слободата на медиумите и борбата против корупцијата.

Ахмети истакнал дека меѓуетничките односи се заоструваат поради недостатокот на директен ангажман за евроатлантска интеграција преку решавање на спорот со името и според него зачленувањето на Македонија во НАТО и започнување на преговорите за членство во ЕУ ќе ги релаксира односите меѓу двете најголеми заедници во земјата.

Претседателот на ДУИ исто така ги информирал гостите за промените на Кривичниот законик што предвидуваат санкции против иницијаторите за учество во странски конфликти и истакна дека екстремизмот од било кој вид нема место во нашето општество.

Тој уште еднаш ја повикал опозицијата да се врати во Парламентот бидејќи таа е избрана да ги претставува граѓаните во Собранието и таму да ги заштити нивните интереси.

Поврзани новости