Откако МВР поднесе кривична пријава против возачот на камионот кој вчера удри во 11 годишно девојче, во момент кога тоа се обидувало да ја премине улицата во скопската населба Хром,судија на претходна постапка определи мерки на претпазливост, односно одземање на патната исправа на возачот и забрана за напуштање на живеалиштето. Тој е одговорен за тешки дела против безбедноста во сообраќајот.
Надлежен јавен обвинител вчера изврши увид на местото на трагичниот настан. По негова наредба на местото на настанот се повикани судски обдуцент и овластен судски вештак за сообраќај. Ќе се прави анализа на крв и урина на учесниците во сообраќајната незгода, за утврдување на биолошки и други механички траги останати на возилото.
Несреќата се случи вчера попладне околу 15 часот и 30 минути, на пешачки премин, на раскрсницата меѓу улиците „Адолф Циборовски“, „Ангел Динев“ и „Стефан Филиповиќ“, во скопската населба Хром. Лекарите од брзата помош констатирале смрт на лице место кај девојчето.