Анестезиолозите во Гевгелија биле пијани?

by Фокус

Двајца лекари од гевгелиската болница, според неофицијални извори од истрагата биле пијани во четвртокот вечерта кога почина родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе. некои медиуми веќе објавија дека се готови анализите на крвта и се предадени на обвинителството во Велес кое е надлжено за случајот. Очекувано е сега да следуваат распити на лекарите за да можат и ти да се изјаснат за случајот. По завршување на истрагата ќе се проценува дали ќе следува обвинителен акт против некои од лекарите кои учествувале во породувањето кое заврши трагично за мајката и за бебето.

Директорот на болницата во Гевгелија уште пред да ги добие резултатите одлучи двајцата анестезиолози да бидат суспендирани додека не заврши истрагата и не се утврдат причините за несреќата.

-Нема да одат на работа додека трае истрагата. Во меѓувреме, поради немање на кадар сите операции во гевгелиската болница се откажани и се препраќаат во Струмица- изјави вчера директорот за некои медиуми.

Освен обвинителството, сопругот на родилката најави дека самиот ќе ја гони болницата и ќе ја бара правдата. Тој се сомнева дека лекарска грешка е причина за смртта. Паралелно на случајот работи и комисијата што ја формираше министерството за здравство. Од таму изјавија дека имаат обемна документација и целта е да проверат дали за време на породувањето лекарите ги почитувале протоколите.

Поврзани новости