Каменос: Ниту македонски јазик постои, ниту националност, вие говорите словенски!

by fokus

Каков и да е исходот од референдумот, последниот збор за Договорот од Преспа ќе го има грчкиот народ или на референдум или на избори, рече коалициониот партнер во грчката влада Панос Каменос, уште еднаш повторувајќи ги неговите позиции, но и откривајќи ги следните негови чекори откако Македонија би ги завршила предвидените обврски.

– Мојот прв предлог до премиерот ќе биде да му се обратиме на грчкиот народ, да побараме референдум, од грчкиот народ да заземе став за оваа промена на одлуката на лидерите на политичките партии донесена под претседателот Константинос Караманлис. Втората опција што ќе ја имаме е било која одлука и расправа во парламентот да се префрли по завршувањето на четиригодишниот мандат. И третата и последна ќе биде распишување избори, рече Каменос откривајќи ги неговите планови.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, на прес-конференцијата во рамките на 83. Меѓународен саем во Солун, Каменос одговараше на новинарски прашања, а спорот за името и Договорот од Преспа речиси и да го монополизираа интересот на грчките новинари, особено поради тоа што Панос Каменос е со комплетно спротивен став од оној на премиерот Ципрас и СИРИЗА.

– Немаме мандат од народот за да го отстапиме на било кој начин терминот Македонија. Ќе направиме сѐ за да ја поддржиме владата да стигне до крај и да ја спроведе нејзината програма, но нема да можеме да продолжиме ако дојде „нож до коска“, нешто што сметам дека е неверојатно да се случи барем до летото 2019, рече коалициониот партнер во грчката влада.

Претседателот на Независни Грци откри дека за спорот за името уште во минатото разговарале со грчкиот премиер и двајцата ги разјасниле своите позиции, но и исцртале политика „дека каква разврска и да постои во дијалогот, да се префрли по завршување на мандатот на заедничката влада на СИРИЗА со Независни Грци“. Сепак, Каменос рече дека работите се забрзале по условите што произлегле во Скопје, но и со политиката на Коѕијас.

Лидерот на Независни Грци објасни дека било во интерес на соседите „да ги прифатат грчките позиции“, бидејќи Грција сака да помогнеме и економски, „но не може да се фалсификува историјата и да се употребува името Македонија“.

– Ниту македонски националност постои, ниту македонски јазик постои, говорите словенски, рече Каменос.

Поврзани новости