Охридскиот бенд Камелеон ќе прави јубилеен концерт во Охрид, со кој ќе одбележи 20 години кариера. Настанот ќе се случува на 29-ти декември, во Центарот за култура Григор Прличев со почеток од 19 часот. Гости на концертот ќе бидат Ѓоко Танески, Горан Папаз, Жармена, Ана Костадиновска, Сара Николовска, виолинистот Џевад Рамаданоски, градскиот хор Лихнидос и други.
Камелеон постојат од 1998 година, и нивна прва снимена песна е ,,Добар ден таго”, а пак прва изведена песна е ,,Ша ла ла”. Во 1999 година на Скопски фестивал со песната ,,Без неа” го освоија првото место од жири комисијата. Зад себе имаат два дуети, еден со Ѓоко Танески, насловен ,,Дај ми љубов” и со Жармена, песната ,,Добро е”. Нивниот албум ,,Камелеон 1” беше промовиран во 2004- та година. Членови на бендот се Драган Василески, Тони Јованоски, Роберт Милески, Петар Трифуноски и Филип Стојковски. Драган, Роберт и Тони се постојани членови во бендот од самиот почеток. Петар станува дел од групата во 2001 година, а Зоран сите овие години, или е активен член или е во друга врска со бендот, како што е снимање на песни и слично.
Низ годините и бројни други музичари имале добра соработка со бендот или биле негови членови и со тоа оставиле свој печат. Меѓу нив се и клавијатуристот Коки (членува во групата од создавањето на бендот, па се до 2001 година) и тапанарот Игор Фармаковски, кој работи со „Камелеон“ во периодот од 2009 до 2010 година. За повеќето песни на бендот, текстот и музиката ги напиша гитаристот Роберт Милески. Билетите за концертот се продаваат по цена од 250 денари.
Вики Клинчарова