Бизнисменот Орце Камчев, кој вчера заврши во притвор како осомничен во новата истрага на СЈО „Империја“, е сместен во една од шесте „хашки соби“, во истражниот затвор „Скопје“, кои според условите важат за привелигирани соби, дознава неофицијално „Фокус“ од добро упатени извори.
Според нашите информации, останатите четворица, Ненад Јосифовиќ, Тодор Мирчевски, Цветан Панделески и Зорица Арсовска, се сместени во други ќелии.
Хашките соби се градени според стандардите на ЕУ, па затоа условите во нив се далеку попристојни од останатите ќелии.
Според поранешни притвореници, во овие соби се сместуваат притвореници со здравствени проблеми, оние кои имаат врски или оние на кои им е загрозена личната безбедност според карактерот на делото.
Собата е околу 24 м2 и во нив се сместуваат двајца, а поретко тројца притвореници, што е сосема пристојно ако се знае дека во останатите ќелии, кои се со помала квадратура се сместуваат и повеќе лица.
Хашката соба за разлика од обичните има веце шоља (во сите други е чучавец) оградена со ѕидче од 1 метар, големо лавабо, голем прозорец, релативно нови кревети и душеци, наткасни, а послана е со ламинат.
Од СЈО вчера информираа дека е отворена истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела Злосторничко здружување, Оштетување или повластување на доверители, Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама и Перење пари и други приноси од казниво дело.
В.В.