Бизнисменот Орце Камчев тврди дека не бил уредно поканет за денешното рочиште во случајот „Тортура“, каде требаше да се појави во својство на сведок.
„Во врска со наводните тврдења пласирани денеска во медиумите, во кои се наведува дека сум бил уредно повикан, но не сум присуствувал како сведок на денешното рочиште за случајот „Тортура“ под полна морална и кривична одговорност Ве известувам дека до мене ниту лично ниту на кој било друг начин не е доставена покана за присуство на горенаведното рочиште.
Доколку бев уредно повикан и ја имав примено поканата нема причина поради која што не би се кавил во судот како сведок во случајот“, наведува Камчев во реакцијата испратена до медиумите.
Инаку на денешното рочиште судот заклучи дека Камчев бил уредно повикан бидејќи доставницата била потпишана. Поради тоа обвинителот Љубомир Лапе побара сведокот за наредното рочиште стражарно да биде спроведен. Судијката Александра Ристеска, пак, истакна дека ќе ја извести полициската станица за спровод, но му остави и можност на Камчев да го оправда отсуството.