Камчев и Станисављева си заминаа од МПМ, Керим единствен сопственик

by fokus

Компаниите „Орка Холдинг“ управувана од Јордан Камчев и компанијата „Интернет Инвестмент Груп“ чиј што сопственик е Јана Станисављева, излегоа од сопственичката структура на „Графички центар ДОО“, долгогодишен сопственик на Македонија Медиа Принт (МПМ), издавач на весниците „Дневник“, „Утрински весник“, „Вест“, „Македонски спорт“, порталот „Телеграф“, магазинот „Теа модерна“, објави НОВА.

Според тековните состојби издадени од Централниот регистер на Македонија побарани од НОВА ТВ, на 31 јануари 2017 сопственици на МПМ преку „Графички Центар“ се „Орка Холдинг“ водена од Јордан Камчев, „Мирекс Плус“ во сопственост на Срѓан Ќерим и „Интeрнет  Инвестмент Груп“ -во сопственост на Јана Станисављева, којa претходно ја презема оваа компанија од српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ.

Според последните издадени документи од МПМ, сега сопственици се „Мирекс Плус“ и „Телеграф“, кој што е сопственост на МПМ или во превод- Камчев и Станисаљева го оставаат Срѓан Керим како единствен сопственик на ова издаваштво. Јана Станисављева останува на позицијата генерален директор на МПМ.

Овие крупни промени во сопственичката структура се случуваат непосредно по најавите за штрајк на вработените во трите дневни весници „Дневник“, „Утрински весник“ и „Вест“, поради неисплатени плати и хонорари.

Поврзани новости