Камчев денеска нема да влезе во затвор, побарал одложување на затворската казна

by fokus

Бизнисменот Орце Камчев и Ненад Јосифовиќ денеска требаше да влезат во струшкиот затвор, по признанието на вина во случајот „Империја“, по што добија затворска казна од по една година, но сепак тоа нема да се случи, бидејќи и двајцата побарале одложување на издржувањето на затворската казна.

Информацијата за „Фокус“ ја потврди Васил Баткоски, претседателот на судот во Охрид, кој вели дека додека судијата за извршување на санкции не донесе одлука, во законскиот предвиден рок, осудените ќе останат на слобода.

Одложувањето се бара поради повеќе причини како што се грижа за деца, болест и сл. Како што дознаваме, едниот побарал одложување бидејќи се наоѓал на болничко лекување, а другиот поради работни обврски, како управител на фирма.

Како што веќе објави „Фокус“, една од можностите е и Камчев да побара одложување се до правосилноста на пресудата за „Плацеви на Водно”, за што исто така беше осуден на казна затвор од една година. Во тој случај се определува единечна казна, но и се собира времето кое го поминал во притвор. Бизнисменот за ,,Империја” беше 4,5 месеци во притвор, а за ,,Плацеви на Водно” 9,5 месеци.

Бизнисменот Камчев, иако со спогодба е осуден на казна затвор од една година, за случајот “Империја”, сепак тој треба да одлежи околу 7 месеци во затвор. Казната во старт се намалува, бидејќи во неа се засметува и времето кое бизнисменот го помина во куќен притвор. Па така, тој во притвор влезе на 10 ноември 2018 година, а излезе на 27 декември. Од истиот датум пак замина во куќен притвор, кој му беше укинат на 29 март 2019 година, или сума сумарум, во притвор помина повеќе од четири и пол месеци.

Поврзани новости