Поранешниот премиер Никола Груевски, кој од 2018 година живее во Унгарија, каде доби политички азил, се огласи на социјалните мрежи по повод повторната продажба на становите во комплексот „Панорама резиденс“, кои беа запленети во рамки на предметот „Плацови на Водно“.
Во објавата, Груевски повторно тврди дека становите никогаш не биле во негова сопственост и оценува дека судскиот процес против него бил политички мотивиран.
„И по којзнае кој пат сум принуден да демантирам дека тие станови никогаш не биле мои и дека сето тоа е резултат на криминален, политички мотивиран судски процес, чии цели и мотиви беа политички и лични“, напиша Груевски.
Тој тврди дека во текот на судската постапка обвинителството не докажало ниту дека ги платил становите, ниту дека бил нивен сопственик.
Во својата објава, Груевски изнесува и тврдења дека бизнисменот Јордан Камчев бил под притисок да го смени својот исказ за да избегне високи затворски казни за себе, неговата мајка и негов близок соработник.
„Пред последното судско рочиште бил повикан во обвинителството, каде, според моите сознанија, му било кажано дека доколку не сведочи како што се бара од него, ќе добие 12 години затвор, а високи казни ќе добијат и неговата мајка и главниот правник во неговата компанија“, тврди Груевски.
Тој додава дека поради таквиот притисок Камчев, според него, ја променил својата изјава и „жртвувал три стана“ од зградата што ја градел.
Груевски понатаму тврди дека и судиите биле изложени на политички притисоци, поради што, како што наведува, биле донесени пресуди без материјални докази.
„Предметот беше започнат и завршен без елементарен материјален доказ против мене – без потпис, договор, доказ за плаќање, сопственост, потекло на средства или каков било друг доказ. Наместо тоа, се вршел жесток притисок врз дел од обвинетите да ме посочат како виновник“, напиша Груевски.