Камчев барал обвинителката Стефанова и судијката Димишкова да се изземат од „Империја“, барањата му се одбиени

by fokus

Бизнисменот Орце Камчев побарал изземање на обвинителката Лиле Стефанова од истрагата за случајот „Империја“, a од постапување во предметот барал да се тргне и судијата на претходна постапка, Весна Димишкова.

Камчев барањата за изземање ги поднел бидејќи според него и обвинителката и судијката се вмешани во случајот „Рекет“, поради што и во текот на своето сведочење пред судот ги спомна во неколку наврати, со коментар дека според него на обвинителната клупа требало да седнат уште неколкумина обвинети. Сепак, уште пред еден месец неговите барања за одземање биле одбиени.

По барањето за изземање на обвинителката Стефанова решавала шефицата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, а за судијката Димишкова одлучувал претседателот на Кривичниот суд, Иван Џолев.

-Точно е дека Камчев бараше изземање на обвинителката Стефанова, но барањето му беше одбиено, изјави Русковска за „Фокус“.

Истиот одговор го добивме и од Џолев.

Додека Камчев сведочеше за случајот „Рекет“ истакна дека случајот е смислен и конструиран од Бојан Јовановски, реализиран од обвинителката Лиле Стефанова, а по наредба на Катица Јанева. Тој во неколку наврати го споменуваше и братот на судијката Димишкова, Васил Димишков, дека му нудел ценовници за спас од „Империја“. Сепак, ниту обвинителката, ниту судијката, но и адвокатот, не се дел од обвинетите, туку Стефанова е на листата на сведоци и предвидено е утре да сведочи на закажаното рочиште.

Обвинителката Стефанова досега неколку пати појасни дека „поволностите“ кои ги добил осомничениот Камчев, односно укинувањето на притворот и враќањето на пасошот, како осомничен во „Империја“ му се дадени од шефицата на СЈО, Катица Јанева.

Таа обелодени и дека Јанева барала случајот „Империја“ и „Поштенска банка“ да завршат со спогодба, без затворски казни за осомничените.

-На 16 април 2019 година, во канцеларијата на Катица Јанева беше одржан состанок на кој таа изнесе одредени одлуки пред присутните обвинители, а кои се однесуваа на дејствија во предметите „Империја“ и „Поштенска банка“. Конкретно, нѝ беше наложено, најдоцна до 06 мај 2019 година, до неа да доставиме писмени извештаи за штетата во двата предмета кои осомничените траба да ја платат на државата, по што предметите „да бидат тука затворени“ и осомничените „да не одат во затвор“. Меѓутоа, јас и обвинителот Бурим Рустеми изготвивме писмени извештаи во кои покрај износите на штетата, ги наведовме и  можните затворски казни согласно Кривичниот законик во случај на спогодување со јавниот обвинител. Дополнително, за предметот „Империја“ потенцирав дека е во многу рана фаза за евентуално спогодување и дека истрагата треба да продолжи во следниот период, рече неодамна обвинителката Стефанова.

И по распадот на СЈО, предметот „Империја“ во кој е осомничен Камчев и уште неколку бизнисмени, е во рацете на обвинителката Стефанова. Обвинителот Љубомир Јовески ја овласти, а назначи и втор обвинител во предметот, односно обвинителката Гордана Смаќоска.

В.В.

Поврзани новости