Потребен е дијалог во кој ќе провладеат разумни аргументи. Не можеме во периодов да се водиме од страсти или стравувања, околу едно прашање кое не заслужува да предизвика таква бура во чувствата на луѓето, рече денес академикот Владо Камбовски за уставните амандмани.
Тој објасни дека со иницијативата за внесување на Бугарите во Преамбулата на Уставот, тропаме на отворена врата, бидејќи тие веќе се внесени во Уставот како заедница.
„Во Преамбулата постои клаузула која зборува ‘и за други народи и заедници’. Во посебните одредби за правата на припадниците на заедниците, постои потполна изедначеност на сите заедници, било да се признати или не, рече Камбовски, пред конференцијата на тема: „Забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ: Клучни предизвици и приоритети“.
Тој рече дека е важно низ еден разумен дијалог, без политички калкулации и манипулирање и непотребен популизам, да се дебатира со аргументи во однос на чувствителни прашања.