Професорот на Правниот факултет и член на МАНУ, Владо Камбовски, е избран за претседател на Одборот за акредитација на факултетите. Од Министерството за образование велат дека тој бил член на Одборот уште од 2015 година по предлог на МАНУ, но сега е избран за претседател на Одборот по иницијатива на останатите членови во Одборот.
-Членовите се избрани и именувани од МАНУ, Интеруниверзитетската конференција, Стопанска комора и сите тие имаат мандат и не може да се разрешат. Владата избра нови членови, но Одборот за акредитација сам го избрал Камбовски за претседател. Одборот во моментов брои 23 членови. Од нив само девет се нови и именувани од Владата, а останатите се стари – вели министерката Рената Тренеска-Дескоска.
Таа објаснува дека освен Камбовски за претседател, професорката на Факултетот за земјоделство, Гордана Поп Симонова, е избрана за потпретседател на Одборот.