Претседателот на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ), академик Владо Камбовски, откако денеска најави дека Академијата ќе подготви стратегија за државата за следните 10 години, истакна дека таа никогаш не молчела за состојбите во земјата и секогаш укажувала дека е опасно доколку институциите не функционираат.
Академик Камбовски посочи дека малку се користи домашниот интелектуален капацитет за решавање на кризни состојби, потенцирајќи дека 25 години сопствена држава не е мал период за самостојни одлуки и тогаш кога се тие најтешки.
-Не е доволно за спомнатиот период од една деценија да се наведе дека цел на земјата е интеграција во НАТО и во ЕУ, туку што и како треба да работат државните институции кои секако имаат свој реален одраз врз целото општество. Треба и ред прашања да се дефинираат со Уставот, со цел да се избегне можноста политичарите да ги злоупотребуваат законите, рече претседателот на МАНУ за најавената стратегија за државата за следните 10 години.