Поп ѕвездата Калиопи Букле (52) по пет години повторно ќе одржи голем солистички концерт во ,,Сава Центар’’ во Белград, соседна Србија.
Настанот ќе се случи на 23-ти ноември, со почеток од 20 часот, а влезниците се продаваат по цена од 1.500 до 2.400 српски денари.
Калиопи е честа гостинка во соседна Србија и регионот. Пееше во Бања Лука, Мостар, Зеница, Тузла, Загреб, Сараево… Имаше повеќе настапи и помали концерти, а ова ќе биде нејзин втор голем солистички концерт во ,,Сава Центар’’ по последниот кој се одржа во 2013 година. Исто така, најавени се нејзини настапи и во регионот наредниот период. На петти август ќе настапи во Никшиќ на популарниот Бедем Фест.
И додека е актуелна во поранешните Југословенски републики, нема најава за нејзин голем солистички концерт во Македонија во блиска иднина. Последниот, на кој ја наполни Метрополис Арена во Скопје се случи на денот на вљубените, 14 – ти февруари 2009 година.
Во изминатите години беше застапена на разни општински манифестации, како отварање на Карпошево културно лето пред три години, лани настапи на ,,Златни денови 2017’’ во Кратово, пееше на партиски митинзи, на новогодишни прослави на плоштади, а голем концерт на отворено имаше пред осум години на плоштадот ,,Македонија’’ кога го промовираше албумот ,,Порака’’.
Во декември 2013 година најави концерт во Скопје, кој беше одложен поради здравствени проблеми, односно пејачката подлегна на ласерска операција за разбивање на бубрежен камен во Швајцарија, па солистичкиот концерт до денес не се случи.
-Атмосферата во Србија и Босна е фантастична, кога ќе дојде на ред ,,Бато’’ публиката сама ја пее целата песна – изјавуваше таа пред пет години, за време на нејзината концертна турнеја.
Вики Клинчарова