Писателката Калина Малеска пред извесно време ја издаде својата најнова книга „Скопје во високата зона“, збирка раскази, издание на „Или-Или“.
Таа во разговор за „Фокус“ говореше за нејзиното најново дело, но општо и за литературата во Македонија, додавајќи дека се повеќе македонски автори почесто добиваат простор во книжевниот свет.
Збирката е работена четири години, а главниот фокус е Скопје бидејќи сите раскази се поврзани со главниот град на Македонија.
„Зборот „зона“ ми изгледаше соодветен за да ги покрие сите овие значења кои ме асоцираа на „зона“, односно да се однесува на целата збирка. Сакав малку да го изменам насловот за да го вклучи Скопје, па во разговор со Игор Анѓелков од Или-Или, околу варијантите „Високата зона во Скопје“ и „Скопје во високата зона“, овој вториов, сегашниот наслов, ми изгледаше дека одлично ги претставува расказите во збирката“, го започна разговорот Малеска.
Таа додава дека посакува Скопје да биде подобро место за живеење и луѓето да не се соочуваат со проблеми кои го отежнуваат животото во овој град.
„Не сум носталгична и не ми недостигаат стари времиња. Старите времиња, ако биле добри, се убав спомен што никој не може да го избрише. Фокусирана сум на Скопје во сегашноста и иднината. Би сакала Скопје да биде град во кој на луѓето им е и ќе им биде пријатно да живеат, во кој нема, поради проблеми поврзани со градот, да им се отежнува животот, што значи дека би било одлично ако проблемите поврзани со градот се сведени на минимум“, смета Малеска.
Таа додава дека и пречи и тоа што Скопје не е поврзано со автопати и железнички линии со повеќето градови на Балканот. Малеска анализира дека инфраструктурната поврзаност придонесува, барем делумно,за подобар квалитет на животот и таа би сакала во иднина Скопје да се поврзе со автопати и железнички линии со модерни возови со повеќе градови на Балканот, а со тоа ќе се поврзе и со цела Европа.
Културата во Скопје изминатите децении помина низ некоја своевидна трансформација. Но, дали Скопје има уметничка душа?
„Не знам дали Скопје има или имало уметничка душа, ниту дали, ако ја имало, е на пат да ја загуби. Она што јас го сметам за уметност го има во Скопје и верувам дека ќе го има како поединечни примери на уметнички дела од разни области, но дали тие поединечни дела заеднички ја сочинуваат уметничката душа на градот – не сум сигурна“, смета нашата соговорничка.
Во ера на многу автори кои се застапени во издавачките куќи, се повеќе простор заземаат и македонските, што од особено значење за одржување во живот на македонскиот јазик, со оглед на тоа што во минатото нашите писатели минувале низ многу тешки периоди.
„Навистина постојат периоди кога македонските писатели биле угнетувани и периоди кога биле високо ценети. Сегашниов момент ми се чини дека не е екстремен ниту во едната ниту во другата насока. Мојот впечаток е дека во последниве десетина години постои добра соработка меѓу издавачките куќи и писателите, дека писателите добиваат простор за објавување на своите книги и имаат избор меѓу повеќе издавачки куќи, кои имаат свои програми и стратегии, па и едните и другите можат меѓусебно да се најдат врз основа на тоа што најмногу им одговара“, го заврши разговорот Малеска.
Фото – Александар Златев
Јорданчо Цветаноски