Се потврдува дека системот во добра мера е корупмиран и дисфункционален, но не би било добро да судиме кај кого е одговорноста, според она што во моментот го знаеме од медиумите, смета професорот по кривично право, Гордан Калајџиев во вечерашната дебата во „Топ тема“ во врска со скандалот со полагање на правосуден испит без диплома што деновиве ја тресе јавноста.
„Допрва треба да се разјаснат некои околности. Меѓутоа, она што на прв поглед е повеќе од очигледно е дека не е точно дека проблем се законите, како што кажуваше вчера претседателот на Судот во Кавадарци. Не е точно дека има некаков пропуст, многу се мали шансите да има грешка, со оглед за кого се работи и претпоставените можни влијанија. Веројатно се работи за злоупотреба“, истакна професорот Калајџиев.
Она што, според него, е најзагрижувачки е степенот на безобразност на кој што е тоа направено.
„Ако е точно сето она што го слушаме, кандидат што нема завршено факултет, да може да има положено правосуден. Ова не е прва таква афера. Досега можеби не се дигнало толку галама. Се сеќавам дека за премиерот кој е во бегство, се зборуваше дека неговата сопруга положила правосуден без да се појави“, истакна Калајџиев.
Во јавноста деновиве изби скандал околу предвремено положени правосудни испити во кој, меѓу кандидатите, фигурира и Барлет Џафери, син на претседателот на Собранието, Талат Џафери.