Министер за внатрешни работи, технички премиер, пратеник, активист за човекови права, сопруг, татко… – овој опис на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски стои во неговата биографија, која мандатарот Димитар Ковачевски ја доставил до Собранието, каде викендов се води расправа за избор на новата влада.
„Каде што има визија, има и промени“, гласи животната филозофија на Спасовски, што ја навел во неговото CV.
Исто така, тој посочил дека најмногу е горд што земјава станала членка на НАТО во периодот додека бил технички премиер, на 20-годишната јавна служба, на фактот што е семеен човек…
„Посветена работа за мојата татковина“, напишал Спасовски.
Со неколку прекини, тој е министер за внатрешни работи од 2015 година, период во кој, како што се наведува во неговата биографија, се спровеле реформи, се унапредила инфраструктурата и финансиски се консолидирало министерството, се набавиле униформи за полицајците, се исплатиле заостанати плати…
Притоа, во биографијата на Спасовски што Ковачевски ја доставил до пратениците напишани се и силните страни на министерот за внатрешни работи:
-задржување на она што функционира и поправање на она што не функционира;
-справување со кризи;
-носител на тешки одлуки;
-адвокат на владеење на правото;
-верувам во наоѓање на заеднички јазик;
-реформатор.
Пред да стане министер, тој во неколку мандати бил пратеник во Собранието, а претходно и советник во Општина Куманово, како и секретар на оваа општина.
Откако Заев стана лидер на СДСМ, пак, Спасовски стана генерален секретар на партијата, а ја извршуваше функцијата попретседател се до неодамнешната лидерска промена.
Иако новиот партиски лидер Ковачевски спроведе кадровски промени во партијата и во владата, сепак, одлучи Спасовски да биде еден од неколкуте досегашни министри што ќе ги задржи на Илинденска, покрај Благој Бочварски, Љупчо Николовски.
За време на денешната собраниска седница за избор на нова влада, голем дел од критиките на опозицијата беа упатени кон Спасовски, кој, според ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса за Албанците, не покажал резултати во борбата против криминалот и корупцијата, со оглед на многуте скандали поврзани со МВР.
Сепак, Спасовски сметаше дека не треба да се повлече како сопартијците и колегите Венко Филипче, Радмила Шекеринска, Мила Царовска, додека Ковачевски одлучи да го предложи за шеф на полицијата и во идната влада.
Изгледа само Спасовски и Николовски можеа „уште повеќе, уште подобро“
В.С.