Какви скандали со смртни последници се случуваа низ годините во тетовската Клиничка болница?

by Fokus

Вкупно 14 лица загинаа во вчерашната несреќа при пожар во Ковид центарот во Тетово, каде што имало 26 пациенти од кои 12 се на лекување во тетовската Клиничка болница и се надвор од животна опасност, информираа во последното соопштение од министерството за здравство.

На местото на несреќата веднаш е почнат увидот, а обвинителите издале наредба за обдукација и идентификување на телата на 14 лица починати во пожарот. За некои од починатите ќе мора да биде направена и ДНК анализа за да се утврди идентитетот.

„Фокус“ уште во ноември лани пред да почне изградбата на модуларните болници во 16 града низ државата испрати прашања до ресорното министерство, од каде што ни вратија половични одговори:

„Набавката на модуларните префабрикувани контејнери за формирање на привремените КОВИД центри во 16 градови во Република Северна Македонија е во тек. Постапката е завршена, треба да се склучат договорите и да почнат да се поставуваат болниците во 16 градови во државата. Во однос на потребата за зголемување на капацитетите за болничко лекување на пациенти со ковид -19 досега се изградени монтажна болница директно поврзана со Инфективната клиника со капацитет од 70 кревети, на Детска клиника се постави монтажна општа амбуланта и модуларен амбулантско-поликлинички оддел на Клиниката за пулмологија и алергологија – се наведуваше во одговорот од ресорното министерство.

Предвидени беа 19 објекти во 16 општини. Три објекти во Битола, и во градовите: Дебар, Гевгелија, Ресен, Куманово, Кавадарци, Струмица, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Тетово, Прилеп, Велес, Штип и Кичево.

„Со ова, болниците ќе имаат модуларни мини инфективни одделенија, во кои целосно би се издволиле пациентите со ковид симптоматологија од останатите, а притоа да нема нарушување на редовниот програм. Секоја Клиника во која ќе биде поставена модуларна болница е координатор на просторот кој ќе биде наменет за нивните потреби – продолжуваше понатаму во одговорот од министерството.

Сепак, вакви несреќи не се случуваат првпат во тетовската Клиничка болница. Без разлика што страшната несреќа синоќа се случи во модуларната болница, сепак таа се води под клиничката болница. Пред само две недели беше избегната голема трагедија, кога 120 ковид пациенти кои беа хоспитализирани во болницата можеле да останат без кислородна поддршка.

Сторителот кој подоцна беше фатен од страна на полицијата беше осомничен за оштетување на цевката за довод на кислород во болницата.

„Имавме инцидент каде е оштетен споредниот цевковод за кислород. По сè изгледа сме имале среќа, бидејќи да била оштетена и главната цевка, животот на сите 120 пациенти ќе бил загрозен. Да беше оштетен главниот довод тоа ќе беше вистинска катастрофа, ќе требаше да се направи транспорт на најмалку 70 пациенти во други болници и одделенија. Освен ова, имаме и нетраспортабилни пациенти. За наша среќа тоа не се случи. Се надевам дека сега полицијата и Јавното обвинителство ќе ја завршат својата работа и да го откријат сторителот“, тврдеше на 23 август, д-р Гзим Нуредини, раководител на Ковид-центарот во Тетово.

Тетовскиот клинички центар е единствената болница од таков вид во западниот регион, во која се лекуваат 200 илјади пациенти годишно, од кои само 900 пациенти дневно. Болницата е поделена на два дела, Здравствен дом и Клинички центар. Само во последните неколку години, во оваа јавна здравствена установа се пресекоа куп црвени ленти, се правеа фотосесии, а тогашниот министер за здравство Никола Тодоров промовираше медицински апарати во вредност од над 10 милиони евра.

Состојбата во Клиничката болница во Тетово ја отсликаа и неколкуте фотографии објавени на социјалните мрежи, а кои ја прикажуваат незамисливата нечистотија и старата инфраструктура. Дел од зградите се стари и се распаѓаат, изградени уште од 1970-тите години.

– Условите за работа и лекување на овие две одделенија се под секое човечко достоинство. Се користат стари и загадени чаршафи, од кои пациентите лесно можат да фатат инфекции. Ништо не е поразлична ситуацијата и на другите одделенија. Болницата е во тотален распад. Сепак, се работи за регионална болница, која опслужува голем број пациенти – објаснува лекар кој сакаше да остане анонимен.

Колку била лоша и очајна состојбата во болницата покажува и страшното искуство од пред речиси 11 години, односно во ноември, 2010 година кога од силниот ветар се откорна покривот на едното крило на болницата и ја усмрти 23-годишна Дафина Даци, студентка од Косово и повреди уште двајца други пациенти, кои баш во тој период се затекнале во дворот на болницата. Според Комисијата, која во тој период беше формирана од екс министерот Бујар Османи да го „истражува“ случајот, главната причина за несреќата била неквалитетната изградба на покривот, кој летна и директно падна врз главата на девојката, со што болницата го доби името „убиец“.

Но, како и секогаш кај нас, секое чудо за три дена. Во овој случај за кој беше покрената истрага, а кој беше смртоносен за 23-годишната девојка никој не понесе ниту морална, ниту кривична одговорност.

Останува нејасно прашањето, дали после оваа страшна несреќа што зеде 14 жртви, некој ќе понесе одговорност?

Ирена Мулачка

.

Поврзани новости