Какви реакции предизвикаа новите мерки за невакцинираните граѓани?

by Fokus

Повеќе од година ипол не спласнува ковид пандемијата во светот, па така повеќето земји се одлучуваат за се поригорозни мерки за невакцинираните граѓани, со цел да се намали бројот на заразени и починати, кој во последните два месеци достигна алармантни бројки.

Во Словенија и Хрватска, кои имаат секој ден по повеќе од 6.000 заразени почнаа да се засилуваат мерките, кои  официјално стапуваат на сила од 15 ноември, па така сите вработени, но и корисници на јавни и државни услуги треба да имаат потврда за вакцинација, прележана болест или негативен тест.

Но, и во таков случај ако не се подобри епидемиолошката состојба, Хрватска од 4 јануари ќе воведе потврди за ковид, кои ќе можат да ги добијат само вакцинирани или оние кои го прележале Ковид, но не и оние кои се тестирани.

Од друга страна, во Словенија, ПЦР тестовите повеќе не се прифаќаат за влез на работни места финансирани од државата, вклучувајќи ги и државните болници. Практично, државните службеници веќе не можат да одат на работа без потврда за вакцинација.

Во Грција, пак невакцинираните вработени во јавниот и приватниот сектор мора да прават тестови за Ковид еднаш или двапати неделно, на свој трошок.

Но, тоа не е се. Во некои држави како Франција има уште поригорозни мерки, па така на околу 3.000 здравствени работници во Франција им е суспендирано правото на заработка, бидејќи не биле вакцинирани против корона.

Правилото важи за сите лекари, медицински сестри, административни работници и волонтери во здравствените работници. Тие веќе неколку пати досега се креваа на протести, а протести против мерките пред десетина дена имаше и во Холандија.

По примерот на овие држави, и Македонија се најде на листата на земји кои бараат задолжителна вакцинација за сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа, како и во сите владини институции. Поточно, за одење на работно место да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина.

РАЗУМОТ ВЕЌЕ НЕ ЖИВЕЕ ОВДЕ

Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција ги најави новите мерки за невакцинираните граѓани, кои ги предложи Комисијата за заразни болести.

„Или вработените да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмногу 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок, или да имаат потврда дека имаат прележано ковид 19, не постара од 45 дена, или потврда од лекар специјалист дека не можат да се вакцинираат“, истакна Филипче.

Сепак. новите мерки кои треба да поминат на владина седница предизвикаа лавина реакции.

„Право неиздржани, селективни во смисла на поделба на лицата во јавемн и приватен сектор. По тој закон на тој што нема да се вакцинира, а ќе доаѓа на работа, па нема да му дадат да влезе, нема да му дадат плата.

 

Или, ќе му тече платата? Дали присилените за вакцинација и понатаму ќе потпишуваат согласност дека доброволно ќе ја примаат вакцината?“, прашува доктор Никола Пановски.

Тој додава дека Хепатит Б вакцина е задолжителна со Закон за здравствени работници. 50 посто не ја примиле.

„Ниту се казнуваат, ниту се отстрануваат од работа невакцинираните. Прележаните, оние со докажан имунитет, со високи концентрации на антитела се присилуваат за вакцинација, која е непотребна, а како таква и е штетна за нивното здравје. За во аналите на апсурдот:

 

Прележаните даруваат крвна плазма и спасуваатживоти на болни од кови. Нив им се скратува правото на слободен влез и правото на работа!!!. Зошто? Има ли еден човек на земјината топка што ќе го објасни ова. Нема, а сепак тврдоглавоста ќе победи. Разумот веќе не живее овде“, вели микробиологот.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 210.447, бројот на оздравени пациенти е 194.625, на починати е 7.367, а бројот на активни случаи изнесува 8.455.

Ирена МУЛАЧКА

 

Поврзани новости