Соопштение со кое се информира јавноста дека е забрането шетање низ центарот на Струга во бикини и гаќи за капење, а кое беше објавено на официјалната општинска страница, како и поставени знаци низ градот со кои се укажува на забраната, е актуелно во јавноста од вчера.
Забраната предизвика бројни дискусии околу тоа дали ова е оправдан чекор, а јавноста е поделена. Според едни добро е да се покаже пристојност и да се шета во бикини и гаќи за капење само на плажа, додека пак други сметаат дека такво нешто може само да му наштети на едно туристичко место.
Околу тоа со какви казни ќе се соочат туристите кои нема да ја почитуваат забраната, ,,Фокус” се обиде да добие одговор од првиот човек на Струга, градоначалникот Рамиз Мерко, но тој не одговори на нашите телефонски повици.
Претседателот на општинскиот Совет, Арбереша Влаши пак, во телефонски разговор за ,,Фокус” тврди дека советот не стои зад забраната, туку истата била објавена од страна на општинската администрација.
-Дали и какви казни ќе има за оние кои нема да ја почитуваат забраната за шетање во бикини низ центарот на градот, ние не можеме да кажеме. Од општинската администрација е објавена забраната на страницата на општината, тие ги имаат деталите. До Советот оваа одлука се уште не е доставена, затоа најдобро е да барате информации од администрацијата – ни порача Влаши.
Иако се обидовме да добиеме одговор околу предвидените казни со кои ќе се соочат туристите кои нема да ја почитуваат забраната, но и чија била иницијативата, до објавата на веста никој не одговори на нашите телефонски повици во општината.
Вики Клинчарова