Во пресрет на летната сезона, во Охрид веќе се најавени концерти на голем број музички имиња од земјава и регионот.
Музичката понуда е наменета за сите вкусови, па така во најавите за гостувањата може да се сретнат имиња од турбо фолк сцената, па се до претставници на рок и класичните жанрови.
Најголем број на турбо фолк ѕвезди од соседството ќе гостуваат во познат ноќен клуб во Охрид, и тоа претежно во месец јули. На листата на најавени концерти се оние на Раста и Војаж, Сандра Африка, Десингерица, Реља и Николија, 2Бона…
Популарната српска пејачка Александра Пријовиќ исто така ќе одржи прв концерт во Охрид, и тоа на стадионот Билјанини извори, на први август.
Жељко Бебек во Охрид ќе настапи во Антички театар на 18-ти јули, а покрај него, во Антички театар ќе имаат конецрти и Хари Мата Хари на 28-ми јули и Саша Ковачевиќ на 5-ти август.
Како голем настан кој го очекуваат љубителите на рок музиката, најавен е концерт на светската музичка ѕвезда Лени Кравиц, кој ќе се одржи на 4-ти август на стадионот Билјанини извори.
Ова ќе биде негова трета посета на Македонија, откако својот прв концерт го одржа во Охрид во 2008 година на стадионот Билјанини извори, а настанот беше опишан како еден од најдобрите концерти кои се случиле кај нас.
И во познатите угостителски локали е предвидено гостување на познати музички имиња, претежно од домашната фолк сцена.
За љубителите на класичната музика, предвидени се голем број на настани во склоп на Охридско лето, и тоа од 12-ти јули до 20-ти август, и ќе настапат над 500 уметници од 24 земји. Настаните ќе се одржуваат на отворените сцени, Антички театар, Долни Сарај, Предворје „Св. Софија“, како и Црквата „Св Софија“ и Центарот за култура.
Според досега потврдените концерти на охридските летни сцени, во музичката понуда можат да се пронајдат голем број на туристи кои ќе допатуваат во Охрид, а кои слушаат од турбо фолк, па се до класика.
Вики Клинчарова