Како завршуваат пријавените случаи за врсничко насилство: Се уште нема конечна одлука за случајот со малтретираниот ученик од Градско!

by fokus

Ученик од Градско, од деветто одделение, стипендист на општината, со континуиран одличен успех и голем број на награди и признанија бил жртва на врсничко насилство кое се случувало во основното училиште каде бил редовен ученик, беше вест која одекна во јавноста кон крајот на ноември минатата година. Прво за настанот извести порталот Дума.мк, објавувајќи изјава на родителот на малтретираниот ученик, кој поради траумата престанал да посетува настава.

Случајот беше пријавен во МВР и во Центарот за социјални работи, а градоначалникот на Градско, Киро Нацков, набргу потоа информираше дека е разрешена директорката на училиштето.
Обвинителството оформи предмет, и во тек беше предистражна постапка за обезбедување докази за случајот.

Неколку недели по настанот ,,Фокус” разговараше со градоначалникот Нацков, кој тогаш ни изјави дека малтретираниот ученик се уште не доаѓа на училиште и со недели губи од наставата, се одржале повеќе средби со родителите и се разгледувала опција двајцата ученици обвинети за малтретирање да бидат префрлени во друго одделение. Апелираше до МВР и Центарот за социјални работи Велес, да го решат случајот во најкраток можен рок, со цел да се знае дали ќе има обвинение за учениците кои биле насилни.

Денес, по повеќе од пет месеци од настанот, се уште нема конкретно решение, и не е донесена одлука дали и како ќе се постапува во случајов, бидејќи се уште се работело на истиот, за ,,Фокус” потврди обвинителката Цветанка Богоева од ОЈО Велес.

Малтретираниот ученик пак, се вратил на редовна настава на почетокот на второто полугодие, ни соопшти градоначалникот Нацков, посочувајќи дека сите одговори за настанот ги имаат во ОЈО и во Центарот за социјална работа.

-Ученикот е вратен на настава во училиштето, додека пак учениците обвинети за малтретирање се преместени во друго одделение, но во истото училиште. Се работи за случајот, се вршат разговори со родителите, како и психијатриско вештачење на сите ученици вклучени во настанот. Вештачењето на ученикот кој обвини за малтретирање е завршено, се чекаат резултати и за учениците кои се обвинети. По собирање на сите докази ќе се донесе одлука како ќе се постапува понатаму- ни изјави обвинителката.

Откако случајот излезе во јавност, не биле регистрирани повторни поплаки од страна на малтретираниот ученик.

По трагичните настани во Белград, и кај нас се акуелизираа прашањата околу врсничко насилство во училиштата, и што конкретно се превзема во случаите. Голем е бројот на настани кои децата дури и ги премолчуваат од срам и страв поради осуда од околината, или пак не се пријавуваат во надлежните служби поради изгубена верба во институциите.

Вики Клинчарова

Поврзани новости