Ако победеше Пригожин можеше да ја стопира операцијата во Украина и веднаш да седне на преговарачка маса како прав бизнисмен. Но тоа ќе беше само наметнато решение врз многу поголемото колективно јавно мислење во Русија кое се уште е поддржувач на тезите дека Москва има не само право, туку и обврска да ги брани сите загрозени Руси во регионот на поранешниот Советски сојуз. А таквите наметнати решенија водат кон нови револуции и контрареволуции и инсталација на многу порадикални режими од овој на Путин.
Пишува: Дејан АЗЕСКИ
Датумот 23-ти јуни вечно ќе биде запаметен во поновата руска историја како ден кога за малку работите не излегоа од контрола и кога Русија и целиот свет можеа да тргнат по некој пат од кој можеби и нема враќање.
Како што веќе сите знаеме, на тој ден лидерот на приватната воена компанија Вагнер, Јевгениј Пригожин јавно се осмели со тенкови да тргне на генералите Шојгу и Герасимов и притоа да се заканува дека ќе го сменат и Путин и дека Русија преку ноќ ќе добие нов претседател.
Во само 24 часа, колку што траеше овој навистина чуден поход, Пригожин и Вагнер успеаја да освојат два стратешки важни руски градови – Ростов на Дон (каде е командата на сите случувања поврзани со војната со Украина) и Вороњеж, место кое мора да се помине за да се стигне до Москва.
Цел свет буквално остана без здив додека чекаа кој на крајот на денот ќе излезе на Црвениот Плоштад со куферчето кое ги содржи шифрите за лансирање на најголемиот арсенал нуклеарни оружја во целиот свет.
ОПАСНОСТА БЕШЕ РЕАЛНА
Прво и основно, сите не можевме да се свестиме дека е можно Москва и теоретски да падне од обична платеничка група. Руската претстолнина во последните осум децении, а и ден денес е убедливо најдобро бранетиот град во светот.
Тоа не значи дека САД немаат ресурси, техника и војска поеднакво добро да го бранат и Вашингтон, но тие се едноставно природно заштитени од двата најголеми светски океани и од вкупно осум најмоќни флоти во историјата на светот, што значи дека освен од тероризам и немаат некоја потреба да организираат било каква друга посериозна одбрана.
Москва, од друга страна, без разлика на одалеченоста буквално е загрозена од три страни, а како поминува времето и како се шири НАТО станува уште позагрозена. Затоа, ова е град така дизајниран, опремен и буквално фортифициран да може да издржи и одврати инвазиона сила поголема и од неколку милиони војници, а не само неколку илјади платеници со кои планираше да нападне Пригожин.
Затоа сета оваа ситуација буди големи сомнежи и потикнува теории слични на оние од Турција во 2016-та, каде од сите страни се тврдеше дека Ердоган сам си го исценирал државниот удар.
Кој ја разбира руската географија и армија знае дека нималку лесно не беше ниту заземањето на Ростов на Дон, град кој важи за воена претстолнина во проблематичниот југозападен руски воен округ. Оние кои што го посетиле овој град знаат дека таму во гарнизоните и бројните касарни е сместена толку војска која е спремна, ако има потреба, да војува и за цел Кавказ, па дури и да и се спротивстави на турската армија од другата страна на морето.
Е пред нецела недела, токму овој град падна како покосен за само неколку часа скоро без испукан куршум.
Затоа, стравот не беше дека Пригожин и Вагнер со големи битки ќе влезат во Москва, туку дека едноставно преку ноќ ќе се појават на Црвениот плоштад и никој нема да ги запре да го заземат Министерството за одбрана, да му судат или директно да го обесат Шојгу и после тоа од позиција на сила да преговараат со Путин, кој веројатно дотогаш ќе беше на Урал, Сант Петерсбург, па можеби и на далечниот исток.
Во суштина, ова веројатно беше и планот на Пригожин како последен очаен обид пред од раце да му ја земат единицата која ја градеше десет години и да му ја поклонат на официјалните руски воени сили.
И Пригожин веројатно не беше толку луд, туку оправдано се надеваше на брза дезертација од регуларната руска армија, кадешто сега се гледа дека владеело големо незадоволство од начинот на кој се води оваа Специјална воена операција. Намерно го споменавме овој термин кој не е признат од остатокот на светот, кој со право смета дека оваа е класична војна.
Но руските генерали, а особено пониските офицери и подофицери знаат дека ова навистина е специјална воена операција, која им ги ограничува ресурсите како човечки и технички така и метите врз кои би можеле да дејствуваат.
Кога две држави водат вистинска војна помеѓу себе, прво на што се гаѓа се секако центрите за одлучување. Значи, Русија требаше да лансира барем илјада ракети на илјада потенцијални локации на Зеленски и да го срамни со земја уште првиот ден. Тоа ни одалеку не се случи и цели шеснаесет месеци по почетокот на конфликтот тој патува по целиот свет и има јавни настапи низ цела Украина.
Ако најмоќната армија на светот и најбруталната тајна служба во историјата не можат да ликвидираат еден единствен човек кој очигледно им прави барем ПР-штета, ако не и друга, тогаш навистина не треба да водат никаква војна во иднина. Ова со претседателот Зеленски е само еден од илјадниците примери каде свесно се заобиколуваат очигледни мети за некои за нас непознати повисоки цели.
Токму овој факт не можат да го сварат во регуларната руска армија и затоа Вагнер и нивните неконвенционални методи достигнаа толкава популарност. И затоа веројатно ако не беше толку брзата и одлучна реакција на Путин тие многу лесно ќе ја заземеа Москва и ќе ја втурнеа најголемата нуклерна сила во светот во граѓанска војна за која само Господ знае како можеше да се заврши.
ШТО ПОТОА?
„Путин пред само 16 месеци беше на портите на Киев, а денеска дојде во ситуација да мора да ја брани и Москва“ – ова е официјалниот коментар на администрацијата на Џо Бајден во врска со фрапантните случувања во Руската Федерација од пред неколку денови. Крајно болно за Русија и нејзниот претседател е што сето ова е многу точно.
Но, истото уште поболно може да биде за Бајден, Блинкен, Клинтон и целото добро познато друштво ако оваа ситуација навистина го ослабне Путин политички, па дури и ментално и наеднаш да почне да ги применува методите кои најблиските советници му ги сугерираат од почетокот на оваа војна. А тоа се следниве идеи:
-Првата атомска бомба да се фрли на Змиското острово на вливот на Дунав во Црното Море како предупредување дека нукларното оружје ќе се користи за одбрана не само на териториите на стара Русија, туку и за новите територии кои скоро цела година се официјален дел од Руската федерација, што го има потврдено и државната Дума.
Значи, иако тоа нема кој да му каже, Путин моментално делува антиуставно со тоа што не ги користи сите расположливи средства за да ги заштити животите на рамноправните руски граѓани од Доњецк. Зошто да се чува нукларното оружје ако некој го нападне Санкт Петесбург, а тоа да не се искористи ако некој, на пример, удри на Северодоњецк, кој барем по нивните закони е рамноправен дел од Руската федерација.
Колку и да звучи ова за нас страшно и вознемирувачко, токму вака изгледа наративот со кој се бори Путин во последниве две, а дефакто девет години (од 2014). Значи, како што јапонскиот адмирал Јамамото бил најголем противник за војната со САД на Пацификот, така Путин моментално е најголем противник на целосно радикализирање на конфликтот во Украина, бидејќи неговиот став во кој верува од почетокот е дека ова е само прва фаза од многу поголемиот конфликт помеѓу НАТО и Русија кој допрва следува и дека ресурсите и силите мора да се чуваат.
Ова не значи дека ако дојдеше Пригожин на власт немаше да ја стопира операцијата во Украина и веднаш да седне на преговарачка маса како прав бизнисмен. Но, тоа ќе беше само наметнато решение врз многу поголемото колективно јавно мислење во Русија, кое се уште е поддржувач на тезите дека Москва има не само право туку и обврска да ги брани сите загрозени Руси во регионот на поранешниот Советски сојуз.
А, таквите наметнати решенија водат кон нови револуции и контрареволуции и инсталација на многу порадикални режими од овој на Путин. Така што моментално Путин со сета своја позната и докажана бескруполозност е последната брана која не дозволува ситуацијата да излезе од тотална контрола. Можеби сценарио кое му одговара на НАТО, бидејќи реално се сигурни дека можат да ја победат Русија во таков тип на конфликт од масовни размери. Бројките (со исклучок на нуклеарното оружје) навистина се на нивна страна.
ВАГНЕР ОДИ ВО ИСТОРИЈАТА
Како клучен аргумент за слабеење на моќта на Путин беше протолкувана неговата изјава дека на Пригожин ќе му се суди, за само после десетина часа Лукашенко да објави дека лидерот на бунтовниците е ослободен од сите обвиненија и дека може слободно да се пресели во Белорусија.
Но, лично поранешниот директор на ЦИА го предупреди Пригожин дека се соочува со моќен и докажано осветољубив противник кој ова сигурно нема да му го прости и уште го посоветува да внимава кога ќе отвара прозор.
Како и да се спинува во ПР-от на западните земји, Русија се справи со многу сериозна воена закана од активни 25.000 војници, а де факто од стотина илјади други за само 24 часа и сега борците на Вагнер веројатно на елегантен начин еден по еден ќе го осетат гневот на старата империја.
Веројатно токму и ова лошо сценарио беше причината што рускиот генералштаб уште од самиот почеток инсистираше и Чеченците и Козаците и Вагнер и Балканските доброволци и уште многу други групи кои ги има на фронот да имаат унифицирани договори со МО на Русија.
Милион пати е докажано дека групации како онаа најпознатата на Аркан од 90-тите секогаш на крајот излегуваат од контрола и тешко се враќаат во колосек. Југословенското раководство тоа го реши преку формирањето на елитната единица Црвени Беретки, каде на чело со Милорад Улемек Легија беа преместени сите оние корисни борци од единиците на Аркан и капетан Драган.
Но, на крај баш оваа елитна единица на елитен начин се справи со премиерот Зоран Џинџиќ. Тоа јасно кажува дека на платениците не може да им се верува. Еве, дури и прочуените Непалски Гурки кои со стотици години и се верни на Британската круна и Комонвелтот сега масовно почнуваат да се борат на страната на Русија само заради пари.
За жал, повеќе од сигурно е дека и по Вагнер ќе има нов Вагнер, а по Пригожин ќе се појави некој нов сосема различен но поеднакво интересен лик кој за Москва ќе ги брка сите валкани работи кои ниедна нормална држава со развиена дипломатија не смее да си ги дозволи.
Тоа значи дека кога ќе треба да се изврши нов државен удар во Централноафричка република или некаде во Централна Америка сигурно нема да се праќа некој Адмирал со четири звезди на еполетите, туку ќе се испрати наследникот на Пригожин во некој зелена необележана униформа.
ДАЛИ БЕЛОРУСИЈА ЌЕ ПРЕСУДИ?
Многумина смеаат дека со најпознатиот готвач на Путин (Пригожин) работата се уште не е дозавршена. Британските аналитичари сериозно предупредија дека симптоматично е што човекот кој го зазеде неосвојливиот Бахмут се испраќа токму во Белорусија, државата од која единствено е реално возможно да се заземе Киев.
Да потсетиме, оваа земја од неодамна по пауза од цели триесет години се стекна повторно со нуклеарно оружје кое претседателот Лукашенко го постави како прв услов за продолжување на неговата подршка на Москва. Тоа оружје всушност е гаранцијата која теоретски би му овозможила на Лукашенко да се вмеша во конфликтот во Украина без да се плаши дека во истата секунда Западот ќе го срамни со земја.
Неофицијалните податоци говорат дека кога во Кремљ сфатиле дека „ѓаволот ја однел шегата со Пригожин“, Путин прво кренал телефон кај Казахтанскиот преседател Токаев, кој веднаш одбил било какво инволвирање преку Организацијата за одбрана и заштита (мини-НАТО на поранешен СССР), со чии трупи и тој беше спасен од вооружениот бунт пред две години.
Лукашенко, од друга страна, веднаш го прифатил својот ангажман и, како што е познато, многу брзо ја разреши ситуацијата.
Сите овие расфрлани парчиња, според Британците, се доволно добар индикатор дека во Белорусија повторно нешто големо се спрема. Дали ќе е тоа втор по ред поход на Киев, овојпат многу поорганизиран и поспремен, или пак ќе се изведе некое покомплицирано сценарио (во содејство со Прединостровје) за отсекување на Западната Украинска граница од воена помош која ја испраќаат земјите на НАТО, останува да видиме.