Надлежните и засегнатите страни ниту ги потврдуваат, ниту ги демантираат информациите што ги обелодени „Фокус“ дека опожареното „ауди“ што го управувал првиот вицепремиер Артан Груби се поврзува со приватната фирма за осветлување „Еуро Ком Лигхтинг“, која, како што претходно пишувавме, го купи хотелот на „Гранит“ на Попова Шапка за 55 илјади евра, непосредно пред градежниот гигант да го добие вториот милионски тендер за комплетирање на автопатската траса кон Блаце.
„На 22.07.2023 во СВР Скопје било пријавено дека околу 03.30 часот на ул. „Струмичка” настанал пожар во патничко возило „ауди” со скопски регистарски ознаки, сопственост и паркирано од Б.Л.(35) од Скопје. Пожарот бил изгаснат, повредени лица нема, а увид извршила увидна екипа на СВР Скопје. Во координација со јавен обвинител се преземаат мерки за расчистување на случајот. Во врска со податоците за кои прашувате, ве известуваме дека станува збор за лични податоци“, ни одговорија од МВР.
Всушност, нашето прашање гласаше дали 35-годишникот со иницијали Б.Л. е Беким Лимани, косопственик на „Еуро Ком Лигхтинг“? Истото прашање го упативме и до самата компанија, како и до кабинетот на првиот вицепремиер Груби, меѓутоа досега не добивме никаков одговор. Што говорат нашите информации добиени од повеќе добро упатени извори, кои ги потврдивме споредувајќи ги со податоци од официјална документација што ја поседуваме?
Иако дел од медиумите известија дека се работи за лице Бекир Лимани, сепак, како што веќе објавивме, станува збор за Беким Лимани, кој по инцидентот бил заведен според возачка дозвола дека го паркирал возилото, додека тоа се води во сопственост на правен субјект. Односно, тоа е во сопственост на „Еуро Ком Лигхтинг“, која, како што веќе пишувавме, е во сопственост на Лимани и на турскиот државјанин Хусамеддин Озтурк.
Новите сознанија до кои дојдовме говорат дека „аудито“ е тип А6, 3.0 ТДИ, произведено во Германија во 2021 година, што значи дека било старо 2 години. Формално, како сопственик на возилото со скопски регистарски таблички се води „Еуро Ком Лигхтинг“, на чие име е регистрирано на 24.08.2022 година, со рок на траење до истата дата годинава, или до крајот на следниот месец август.
Зошто како сопственик е заведено физичко наместо правно лице, како и кој е формален а кој реален сопственик на возилото, треба да испитува Јавното обвинителство. Како што соопштија од таму, јавен обвинител веќе дал наредби и насоки за расчистување на настанот и за прибирање на доказите. Притоа, издадена е и наредба да се обезбеди и документацијата за начинот и времето на стекнување, сопственоста и користењето на возилото.
По настанот, со објава на Фејсбук се јави првиот вицепремиер, во која не демантира дека тој приватно го користел „аудито”, иако се води на име на друго лице, при што Груби вели дека станува збор за негов пријател. Вицепремиерот признава и дека инцидентот е порака до него, а поддршка му изразија сопартијците. Речиси сите го осудија палењето на „неговото возило“.
Инаку, даночниот експерт Павле Гацов на Фејсбук напиша дека користењето на туѓо возило е форма на закуп, кој, како што вели, е оданочив доход за сопственикот на возилото. Претпоставуваме дека е логично и пазарно, наведува тој, сопственикот да наплатува закупнина за своето возило што дал да го користи друг (постојано).
„Сепак, ако се работи за „другарство“ и сопственикот не наплатува закупнина за користеното возило, тогаш корисникот примил подарок (закупнина што не ја плаќа) што е исто така доход кој се оданочува со данок на доход на основица: пазарната вредност на закупнината што би се остварила (пазарната вредност на користењето на возилото може да се провери во рент-а-кар компаниите)“, пишува Гацов.
Врска со овој случај, вицепремиерот Фатмир Битиќи денеска одби да коментира, посочувајќи дека Основното јавно обвинителство и Државната комисија за спречување корупција треба да го разгледуваат предметот. На прашањето дали запаленото возило му било подарок на Груби од сопственик на хотел, тој рече дека може да зборува само за она што тој го има приајвено во анкетниот лист.
–Јас не можам да реферирам за однесувањето на другите колеги… Јас не сум дел ниту од Основното јавно обвинителство ниту дел од Државната комсија за спречување корупција – рече Битиќи. Арно ама, антикорупционерите не можат да постапат, бидејќи, како што рече првата антикорупционерка Билјана Ивановска, недонесувањето на долгогнајавуваниот Закон за потекло на имот им овозможува да постапуваат само за функционери.
Во меѓувреме, опозицискиот лидер Христијан Мицкоски изјави дека „ваков криминален чин треба детално да се истражи и сторителите како и за сите други криминални чинови треба да одговараат за стореното, без разлика чие возило е тоа, без разлика дали се однесува на опожарено возило или друг тип на криминал“. Воедно, тој додаде дека јавноста има право да знае дали постои или не постои скриен имот.
–Јас ги повикувам органите детално да го истражат овој случај, се разбира сторителите да бидат изведени пред лицето на правдата, но исто така и поврзаноста на лицето со компанијата која што е сопственост на ова возило очекувам во најскоро време да биде истражено и расчистено пред јавноста бидејќу не смееме да оставаме таков вид на мистерии позади нас – порача Мицкоски.
Опожареното „ауди“ што го возел Груби се поврзува со фирма за осветлување, која купи хотел на Шапка?
Влатко СТОЈАНОВСКИ