Сорос бил лош, а Конрад Аденауер е добар?!

by Фокус 10:32
10:32

Текстот е објавен на 15 јули 2011 година во неделникот „Фокус“ под насловот Дали фалангата што сега ги гони „соросоидите“ после Груевски ќе ги гони „конрадоидите“.

Пишувал
Стојан АНДОВ

- Advertising -

Неодамна беше соопштено дека премиерот Никола Груевски, негде во Европа, се сретнал со Џорџ Сорос. Чекам веќе две недели некаква реакција во нашата јавност на тоа соопштение, ама таа изостанува. Инаку, провладините медиуми овде кај нас за секоја средба на премиерот, дома или надвор, објавуваат опширни стории од кои се гледа важноста на средбата и се истакнува чувството на задоволство од подршката што влијателните странци му ја даваат на премиерот. Затоа си помислив дека барем еден наш истакнат политичар јавно и енергично ќе реагира.

Имено, во соопштението се кажуваше дека единствена точка на разговор и договор меѓу двајцата соговорници на таа средба било македонското претседателство со Декадата на Ромите и подршката во вршењето на таа функција што на нашата земја ќе и ја даде Сорос. Си мислев дека пратеникот Амди Бајрам јавно ќе се побуни. Тој, инаку, овде од говорницата во Собранието, неколку пати истакна дека на никого не му признава право да се грижи за Ромите, бидејќи тој тоа го прави најдобро!

Ако веќе на ниту еден друг пратеник или политичар не му дозволува да се грижи за Ромите во нашата земја, зошто тогаш да биде рамнодушен за искажаната таква грижа од еден странец, како што е Сорос!? А, тој Сорос, кој е тој? Има ли врска тој човек со нашите „соросоиди“? Сигурно има! Па нели тие – „соросоидите“ се распространети низ целата наша земја, како штетни билки, како плевел?


МОЛЧИ АМДИ, А МОЛЧИ И БИЧИКЛИСКИ

Дали елитната интелектуална сила што ја подржува Владата, распоредена по разни културни институции, медиуми и на функции во владеачката партија, а која води тешка и исцрпувачка борба како што некогаш правоверните од оваа или онаа владеачка религија ги гонеле своите неистомисленици како вештерки, вештери, вампири и други страшила, ќе го премолчи овој случај?

Си помислив, ако Амди Бајрам одмолчи, тогаш дел од денешните правоверни нема да истрпат и нема „храбро“ да молчат, туку делот од горчината што ја истураат врз соросоидите, само поконцентрирана, ќе му ја плиснат и на Сорос. Штама! Сите бегаат од таа тема.

Ни агилниот Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ, ни неуморниот Бичиклиски, ни носечките новинарски пера во елитата што ја подржува Владата, никој ништо не прозборе!

Можеби, токму затоа, овде треба да потсетам кој е Сорос. Во мојот активен политички живот сум се сретнал со Сорос неколку пати, секогаш на негова покана.

Никогаш не сум барал ништо од него и не сум бил корисник на било каков дел од парите што ги вложува овој човек во македонскиото општество. Во мојата професионална работа, со прашања врзани со Сорос, првпат се сретнав при крајот на 1991 или почетокот на 1992 година. Така барем ми останало во паметењето.
Бев претседател на Собранието и еден ден од Владата, мислам премиер беше сеуште Никола Кљусев, добив предлог-одлука за издавање гаранција од страна на НБМ за кредит што би го одобрил Сорос на нашата земја.

На седницата на Собранието, расправата траеше речиси цел ден. Главно, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, но и други пратеници укажуваа на опасноста од империјализам, особено од империјализмот на Сорос! Некои, пак, зборуваа за многу тешките услови под кои се нуди тој кредит. При крајот, Собранието сепак ја донесе одлуката. Гледано од денешните прилики, тоа беше мала сума, мислам од 5 милиони долари. Знаејќи за богатството на Сорос, си мислев дека за него тоа не е издаток, дури и ако ги дадеше тие пари како подарок, без да го изложи Собранието на збунувачка расправа.

Но, кога размислував потоа, сфатив дека Сорос сакал вистински да ни помогне. Ако ги дадеше тие пари како подарок, впечатокот надвор од нашата земја ќе беше дека таа е во безизлезна состојба. А, кога парите ги дава како кредит, тоа значи дека Сорос оценил дека Република Македонија е земја на која треба да и се верува и дека тој, ете, токму така постапува, прифаќајќи ја гаранцијата на НБМ како валидна.
Тоа беше време кога речиси никој во светот не ни помислуваше да и даде кредит на Македонија, за на тој начин да покажува доверба во нејзината иднина!


ОМРАЗАТА НА ПРАВОВЕРНИТЕ

Во таква општа состојба во која тогаш се наоѓаше земјата, кредитот од 5 милиони од Сорос и девизно многу значеше, но уште повеќе значеше како показ дека во Република Македонија постојат институции и постои постапка и акти во кои Сорос има доверба. Потоа, од време на време, де го имаше Сорос, де го немаше во Македонија. Поактивно се ангажира откако ја проанализирал состојбата во земјата.

Од неговиот ангажман беше јасно дека Сорос, генерално воден од идеите на Попер за отворено општество, оценил дека за отварање на процесот на промени во земјата, најважен е секторот на медиумите. Во тоа време во медиумскиот простор монопол имаа: НИП „Нова Македонија“ со своите печатени изданија и МРТВ со Македонската телевизија и радио. Сорос финансиски сериозно се ангажира преку Фондацијата отворено општество, и помогна да се направи пробој во три области во медиумите.
Финансиски го подржа основањето на првата приватна телевизија А1 во Скопје и помогна основање на неколку телевизии во внатрешноста. Потоа го помогна основањето на радиото Канал 77, но и повеќе локални радио станици. Во печатените медиуми помогна при основањето на „Дневник“ како весник во приватна сопственост.

Малку се знае колку пари и за кои цели троши Фондацијата Конрад Аденауер

Помагајќи го и основањето на приватни печатници, тој всушност овозможи да биде разбиен монополот на НИП „Нова Македонија“. Во сите ново отворени приватни медиуми, и воопшто во областа на новинарската фела, Сорос материјално помогна стручно да се усовршуваат техничките лица што работат во медиумите, како и новинарите.
Овие насоки на помошта што ја даваше Сорос во Македонија со години, фактички комплетно ја променија медиумската сцена во Македонија. Се разбира, до ден-денес медиумскиот сектор е оптоварен со силни проблеми, како што се: политичко влијание и користење за манипулации и уцена на оние што располагаат со финансиски средства вложени во медиумите.

Но, секако, сегашната состојба во медиумите е сосема подруга од онаа кога НИП „Нова Македонија“ и МРТВ имаа монопол. Се разбира, концепцијата на отворено општество што ја промовира Сорос, во нашата земја наиде на подршка на широк круг интелектуалци. Многу студенти, постдипломци и докторанти користеа финансиска потпора за своето усовршување, а веќе оформените интелектуалци добиваа финансиска подршка за свои научни проекти.

Сега се поставува прашање: Од каде оваа горчина и омраза до уништување во односот на делот од јавноста приврзана кон Владата, омраза свртена кон се што потекнува од Сорос, а на дел од корисниците на средставата од Сорос, кои сеуште не се откажале од концептот на Отворено општество, да им се наметнуваат дури и погрдни имиња како соросоиди?
Може да се помисли дека таквиот однос на правоверните е во согласност со концептот на домашниот патриотизам и оној концепт на сувереност на земјата кој се сомнева во буричкањата низ неа на некој странски моќник како што е Сорос.
Можеби застапниците на тој концепт на владеење, со право сметаат дека Сорос со своите пари не дејствува во рамките утврдени со нашиот Устав и законите, па тој човек претставува надворешна закана за земјата!

ГЕРМАНСКИОТ „ИМПЕРИЈАЛИЗАМ“ Е ДОБАР?!

Ако е така, работите се решаваат со отворено укажување на таа субверзивна дејност и врз основа на консултации со Владата на САД, чии државјанин е Сорос, да се забрани неговото натамошно дејство кај нас. Таков чекор би можел да биде направен единствено ако земјата реши да попречи доаѓање странски средства во општествените процеси во Македонија. Меѓутоа, во таков случај треба да се забрани прилив на странски средства од сите други странски фондации или фондови, кои ги има многу.

Особено раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба да објасни, зошто во нашата држава е штетно делувањето на Фондацијата Отворено општество – Сорос? И зошто во јавноста тоа делување е напаѓано како субверзивно, како недопустлив начин на користење на странски средства?

Меѓутоа, Владата и ВМРО-ДПМНЕ мора истовремено да објасни, како тоа парите од Сорос се лоши, а парите на пример од Фондацијата Конрад Аденауер, кои главно се даваат за проекти внатре во партијата ВМРО-ДПМНЕ, се добри? Дали „американскиот империјализам“ е оној лошиот, а „германскиот империјализам“ е оној добриот?
Како тоа, да нема ни ронка толеранција во оценувањето на ефектите од работата на фондацијата Отворено општество, иако таа е отворена за иницијативи и проекти од секој поединец и институција, без оглед на неговата партиска припадност, и кога целата постапка е транспарентна за јавноста? А, наспроти тоа, многу помалку се знае во нашата јавност, надвор од круговите на ВМРО-ДПМНЕ, колку пари и за кои цели троши Фондацијата Конрад Аденауер!

Дали инвентивните умови од провладината интелектуална елита што го измислија изразот соросоиди, за година две, во променети прилики, ќе го измислат и изразот конрадоиди, па ќе им се пуштат да ги гонат со иста жестина како сега што ги гонат соросоидите?!

Некои информации укажуваат дека средбата Груевски – Сорос, која неодамна се одржа, дошла по иницијатива на Груевски.
Ако е тоа така, на таков чекор Груевски го натерала некоја негова голема мака. Изгледа дека тој на различни начини и од различни извори добива сигнали за тоа дека е „прочитан“. На Сорос после сите настани со А1 и со „Дневник“, сигурно му пукнало пред очи оти Владата на Груевски нема друга цел, туку да ги поништи сите резултати од неговите долгорочни вложувања милионски суми долари за вистински препород на земјата, за премиерот да може да си создаде состојба, поништувајќи го плурализмот во медиумите, на онаа што владееше пред интервенцијата на Сорос. На Груевски не може да му биде сеедно, кога му доаѓаат тие сигнали!

Од она како се профилирани неговите цели во областа на медиумите, со видлива намера да се поништи се што никнало во таа област и да се реинкарнира времето на монополите на НИП-от и МРТ, секој одговорен фактор и дома и надвор ќе заклучи дека тоа не се случува само во медиумите, туку е општ правец на делување на Владата и користење на власта. Станува јасно дека за тие услови во земјата, за остварување на своите цели во медиумите, Владата ќе ги инструментализира сите институции на власт.
За отстранување на опасностите кои произлегуваат од фактот што е прочитан, на Груевски нема многу да му помогне интелектуалната елита што ја сочинува неговата „Филипова фаланга“. Затоа можеби ќе се обиде да го разубеди Сорос дека не е вистина она што го гледа и дел ако е вистина, да ја префрли вината на поединци, кои се служат со неговото име и неговите пари!

 

ФАЛАНГАТА НА ГРУЕВСКИ

Но, Сорос е поголем играч од него. Прво, има многу повеќе пари, и, второ, од него многу повеќе знае и може. Затоа неодамнешната средба меѓу Груевски и Сорос „негде во Европа“ покрај некои други, веќе согледани, отвара многу важни дополнителни прашања. Имено, за да протече разговорот со Груевски, Сорос нужно мора да ја покаже својата добронамерност. Тоа Груевски може да го чувствува и да го прикаже како отстапка од страна на Сорос.

Но таа отстапка завршува со подршката што Сорос ја нуди на Македонија за поуспешно извршување на нејзиното претседателство со Декадата на Ромите. Принципиелно гледано, тоа е всушност и подршка на Владата!

Но, Груевски не треба да се надева дека Сорос ќе оди понатаму со отстапките. Напротив, тој ќе очекува сериозни отстапки од Груевски. Овој, пак, да не се надева дека ќе биде доволно само да го откачи Антонио Милошоски од Министерството за надворешни работи. Најверојатно ќе мора многу брзо да докаже дека го напушта својот концепт на судир со концептот на Сорос за Отворено општество, кое инаку не е Соросова работа, туку цел општествен процес во забрзување и завршување на транзицијата во земјите каде сеуште е во тек. Груевски ќе биде поубедлив ако веднаш ја распушти „Филиповата фаланга“ од интелектуалци присобрани околу ВМРО-ДПМНЕ и да го прекине прогонот на „соросоидите“, а, исто така, да го прекине и уништувањето на веќе постигнатите резултати во областа на медиумите!

Средбата што му затребала на Груевски со Сорос нема да биде осамена. Можеби не ќе има други средби со Сорос, но ќе има средби со други моќници од другите области од политичкиот живот. Средбата со Сорос за Груевски е само знак дека обидите на разјаснување со потпретседателот Бајден, министерката за надворешни работи Клинтон, високите француски и германски државници од типот на Саркози и Меркел завршија, и сега тој е препуштен на вториот ешалон оперативци.
Во постапките со нив работите се именуваат многу поотворено. И тие контакти ќе го доведат Груевски да се замисли над оценката што ја шират некои странски дипломати во Скопје, дека во Јемен одговорните функционери побрзо ја сфаќаат суштината на меѓународната политика отколку овие во Македонија. Веројатно ќе сфати дека проблемите не се решаваат со метрите, успехот не зависи од тоа колку е висок споменикот на Александар Македонски и уште колку ќе биде повисок оној на татко му Филип!

Еден пријател од Бугарија, во моменти на слободен разговор, ми кажуваше како Тодор Живков кога бил челник во Бугарија, мислел да ја подигне славата и моќта на својата земја. Тој намеравал да изгради споменик на планината Рила, на нејзиниот врв Мусала. Тој споменик ќе бил висок 76 метри. Имено, Мусала е висок 2925 метри, а со овој споменик требало да достигне 3000 метри. За да не утне некој нешто во мерењето, Живков намеравал споменикот да биде не 3000, туку еден метар повисок.

Можеби за Груевски е важно да ја знае и прочуената Наполеонова изрека, кажана после поразот во Русија: „Од возвишеното до смешното е само еден чекор“.
Ако нашиот премиер си мисли дека ја достигнал фазата на возвишеност, треба добро да размисли кој ќе му биде следниот чекор!

Поврзани новости