За ВЛЕН во Тетово, победата има само едно име, Билал Касами. Но, пишувањата на медиумите, како и јавните информации за јавните набавки, покажуваат поразлична слика за менаџирањето на Билал Касами со градот Тетово и посебно со неговиот буџет. Првиот човек на партијата БЕСА, Касами, им се „заблагодарил“ на одредени донатори на партијата со доделување општински пари преку јавни набавки, а некои биле и на платен список во општината, односно вработени како хонорарни соработници.
Пишува: Орце КОСТОВ
На ден пред почетокот на учебната година и на 30 дена пред официјалниот старт на кампањата за локалните избори закажани за 17 октомври, во Тетово се одржа свечено отворање на изборниот штаб на коалицијата ВЛЕН.
Стотина граѓани го исполнија просторот на училиштето „Лирија“, каде што актуелниот градоначалник на Општина Тетово, Билал Касами, беше промовиран во старо-нов кандидат на ВЛЕН за претстојните локални избори.
„Во оваа електризирачка атмосфера беше промовиран рекандидатот на градоначалникот на Тетово, Билал Касами, човекот кој со работа и решителност стави крај на годините лошо управување и ја врати општината во служба на граѓаните“, соопштија од ВЛЕН.
Во својот говор пред присутните, Касами потсети дека во 2021 година, Општина Тетово ја наследил со 24 милиони евра долгови, дотраени патишта, ѓубре, недостиг од вода и урбана неизвесност.
Денес, според ВЛЕН, долгот е намален на половина, Тетово има вода за пиење, стотици асфалтирани патишта, првите отворени булевари, LED осветлување во секоја населба и село, функционален базен и уште два во изградба, нови училишта и модерни урбанистички планови.
Лидерите на ВЛЕН нагласија дека за првпат во историјата на владеењето, албанските општини се финансиски поддржани од владата со милиони евра за подобрување на локалната инфраструктура. Ова е доказ дека Албанците се посилни и пообединети од кога било.
Во меѓувреме, шефот на централниот изборен штаб, Аднан Азизи, беше директен:
– Овие тирани се бесни затоа што им го запревме данокот, Соравија, Лото и тендерите. Ги запревме да крадат, затоа викаат. Победата во Тетово, не само што е неизбежна, туку има и име и презиме: Билал Касами! Оној кој го запре лошото управување, го намали долгот, донесе вода, го исчисти градот, изгради патишта, училишта, базени, паркови и булевари. Оној кој ја заврши темнината и ја врати светлината во Тетово, во секое соседство и секое село. Тетово нема враќање назад! Тетово продолжува напред со Билал Касами и ВЛЕН, порачаа од коалицијата ВЛЕН.
ТЕНДЕРИ ЗА БЛИСКИ ЛУЃЕ
Соопштението на ВЛЕН е „мед и млеко“, но известувања и анализите на медиумите, како и јавните информации за јавните набавки, покажуваат поразлична слика за менаџирањето на Касами со градот Тетово и посебно со неговиот буџет.
Медиумите на албански јазик известуваа дека првиот човек на партијата БЕСА, Касами им се „заблагодарил“ на одредени донатори на партијата со доделување општински пари преку јавни набавки, а некои биле и на платен список во општината, односно вработени како хонорарни соработници.
Најголем трн во окото на јавноста е компанијата за маркетинг и услуги „И-Поинт Маркетинг“ од Тетово, која според податоците на Централниот регистер е во сопственост на Менсур Аљити и Амир Алити од Тетово.
Косопственикот Менсур Аљити, во јавноста е познат и како близок човек на секретарот на Движењето Беса, Аднан Азизи, кој од неодамна е нов шеф на централниот изборен штаб на ВЛЕН.
Менсур Аљити, додека Движењето Беса беше на власт, бил ангажиран во кабинетот на заменик-министерот за култура, Седат Сулејмани, пишува порталот „Индекс“.
Во мај годинава „И-Поинт Маркетинг“ добила од Општина Тетово тендер во вредност од 999.999 денари ли 16.260 евра за „Изнајмување на опрема за организирање на настани и печатирање на материјали“.
Во 2024 година, од Општина Тетово добила 19.187 евра за давање „услуги за печатење и копирање“, во 2023 година добива два тендера, еден за „подготовка за изработување промотивни материјали и брендирање на градот“ за сума од 38.444 евра и вториот за „набавка на печатени материјали“ за сума од 40.650 евра.
Оваа компанија, во 2022 година имала годишни приходи од 3,6 денари, во 2023 остварила 7,3 милиони денари, а во 2024 година, приходот пораснал на 8 милиони денари. Сепак, добивката во 2024 година ѝ била само 1.000 евра.
Управителот на компанијата што ги добила овие тендери од општината со која раководи Касами бил донатор на Движењето Беса. Според извештајот на политичката партија, Аљити донирал 3.000 евра во 2023 година.
За наводните злоупотреби со градоначалничката функција од страна на Касами пишуваше информативниот портал „Индекс“ пред две години, кој откри дека градоначалникот на Тетово, во 2023 година ги доделил двете јавни набавки, во вредност од над 4 милиони денари, ги доделил на Аљити, кој наводно бил ангажиран во секторот за јавни набавки.
Сепак, според порталот „Отворени финансии“, може да се забележи само дека Општина Тетово на двапати му исплатила хонорар на Менсур Аљити во висина од 22.000 денари во средината на 2022 година.
ОПШТИНСКА ЗГРАДА КАКО РАЗВОЕН ПРОЕКТ
Советот на Општина Тетово, на 54-та седница, на почетокот на месец август изгласа измена и дополнување на буџетот на општината, кој ќе порасне за три милиони евра. Се работи за парите добиени од „унгарскиот кредит“, со кои општините треба да направат капитални инвестиции.
Градоначалникот Касами рече дека во Тетово, меѓу капиталните проекти и како дел од „развојната програма“, вклучени се и изградбата на нова општинска зграда за сместување на администрацијата. Новата зграда дури била и „еден од поголемите“ развојни проекти, вели тој.
– Предвидено да се заврши булеварот Видое Смилевски-Бато до крајната дестинација согласно проектот, а тоа е до влезот на селото Порој. Се предвидува изградба на дел од патната инфраструктура во селата Џепчиште и Голема Речица. Еден од поголемите проекти, во рамките на развојната програма е исто така изградба на уште една општинска зграда до постојната зграда, каде што беа порано бараките на општинската инспекција. Има и други, помали проекти, изјави Касами.
Општина Тетово, во 2005 година имала 66 вработени, а по две децении, таа бројка е зголемена за околу шестпати (500 проценти). Во периодот од 2002 до 2021 година, пак, според официјалните податоци од пописите на населението, бројот на жители во Општина Тетово се намалил за околу два процента – од 86.580 (2002) на 84.770 (2021).
Општината тешко функционира во сегашната зграда, претесна за вработените во администрацијата, чиј број, според достапните податоци, се движи накај 300. Вкупно во Општина Тетово, според последните достапни податоци, ако се сметаат и вработените во територијалната противпожарна единица, работат нешто помалку од 400 луѓе.
Тетовските советници дадоа согласност и за изградба на Меморијален парк во кругот на Клиничката болница во Тетово, во знак на сеќавање на жртвите во пожарот во модуларната болница, во заедничка координирана иницијатива на Општината, Министерството за здравство и семејствата на починатите.
МИСТЕРИОЗНИ ВРАБОТУВАЊА
Од 2022 до 2025 година, Општина Тетово, заедно со јавните претпријатија „Тетово Транспорт“ и „Шари“, потрошиле над 1,6 милиони евра за договори за привремено вработување преку приватната агенција за вработување „Џоб 2011“, и иако биле платени со јавни пари, јавноста не знае каде завршиле овие пари, пренесе агенцијата „Мета“.
Порталот „Порталб.мк“ анализирал дека договорите за привремени вработувања на порталот за јавни набавки, при што откри дека Општина Тетово, заедно со јавните претпријатија ЈПК „Тетово Транспорт“ и ЈКП „Шари“, за четири години потрошиле вкупно 102.378.130 милиони денари за привремени вработувања преку Приватната агенција Џоб 2011, што е околу 1.663.826 евра.
„Само Општина Тетово има потрошено 57.059.998 денари или 927.326 евра за четири договори што ги има склучено во 2022, 2023, 2024 и во 2025 година. Тоа што може да се види е дека во 2025 година, изборна година, вредноста на договорот е повеќекратно поголема од претходните години.
И ЈКП „Тетово транспорт“ склучувалo договори секоја година од 2022, 2023, 2024 и 2025 година, вкупната вредност на договорите е 15.518.132 денари или 252.197 евра.
ЈКП „Шари“, пак, има склучено договори само во 2024 и во 2025 година, бидејќи ова претпријатие е ново, и за овие две години, ова претпријатие има склучено договори во вредност од 29.800.000 денари или 484.303 евра“, се вели во анализата на „Порталб“.
За жал, промената што очекувавме да се случи со промената на општинската власт не се случи, туку се сменија само лицата што управуваат со општината. Ова за Порталб.мк го изјави активистката Елмедина Абдулаи од „Подобро за Тетово“.
– Со доаѓањето на актуелната влада на власт, тие ги објавија сите списоци на луѓе што биле ангажирани да работат со договор во Општина Тетово со оправдување дека ги истакнуваат сите злоупотреби што ги направило претходното раководство.
Тоа време ова ни даде надеж дека работите ќе се променат, но, за жал, работите не се променија, дури и се влошија, односно и овие продолжија да работат на истиот начин, истите злоупотреби ги направи и актуелното раководство, но сега на понапреден начин со криење на имињата на лицата што се ангажирани или во Општина Тетово или во претпријатијата што ги основала Општина Тетово, рече Абдулаи.
Таа додаде дека ова остава простор за сомнежи за можни злоупотреби и дали сите тие луѓе што се платени од парите на граѓаните се, всушност, вработени или се само партиски активисти што работат за партијата што е на власт.
За овој случај, предмет на 27 август 2025 година, отвори и Државната комисија за спречување корупција.
Актуелниот градоначалник на Општината, Билал Касами, пред да дојде на чело на општината, вети отчетност и транспарентна општина, што е и дел од изборната програма за Тетово 2021-2025, каде што, меѓу другото, се нагласува: постојана отчетност за трошењето на јавните средства, постапките на администрацијата да бидат проверливи преку интернет за граѓаните и за другите.
БУЏЕТ ОД 50 МИЛИОНИ ЕВРА
Буџетот на Општина Тетово за 2025 година ќе биде близу 50 милиони евра (49,3), а како што вели општината, тоа ќе биде најголемиот буџет одобрен досега.
Нуредин Деари, раководител на Секторот за финансии во Општина Тетово, рече дека буџетот за 2025 година ќе биде развоен буџет, што е највисокиот буџет досега изгласан од Општина Тетово, ако на овој буџет ги додадеме и проектите што се очекува да ги одобри владата за 2025 година од таканаречениот унгарски кредит.
Буџетот на Општина Тетово за 2024 година беше 31 милион евра, во 2023 година беше 29 милиони евра, во 2022 година буџетот беше 26 милиони евра, додека во 2021 година 30 милиони евра.
Текстот е објавен на 4 септември 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.561.